Од денеска до 15. март сите возила во сообраќајот треба да поседуваат зимска опрема.
Како зимска опрема на моторните возила се подразбира: зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од четири милиметри, пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина со најмалку 4 мм ако возилото во приборот поседува синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
За моторни возила со погон на четири тркала (4×4): зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм, пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина со најмалку 4 мм ако возилото во приборот поседува синџири за снег и во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната оска, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената оска.
За моторни возила што надминува 3.500 кг: зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм, пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина со минимум 4 мм ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала, автобуси и товарни моторни возила, кои поради технички причини не може да постават синџири за снег на погонските тркала, треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.
Зимски пневматици се оние пневматици што на својата бочна страна имаат ознака MS, M+S, M&S и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
Во согласност со одредбите од Правилникот за задолжителна опрема на возилата во патниот сообраќај на возилата е забрането поставување пневматици со клинци.
Фото: Игор Бансколиев