Нашата стратешка цел како држава да бидеме дел од европското семејство нешто што го заслуживме многу одамна, била, е и ќе остане наша стратешка цел, тука не треба да има никој дилема. Но, исто така мораме да потенцираме тоа што македонските граѓани го дадоа за реализирање на оваа стратешка цел, која за жал не е поместена од состојбата која што беше пред 20 години е навистина бесценето, односно цената е толку голема што не може да се утврди. Бидејќи пред се зборуваме за билатерализација на процесот на преговори, а не европеизација на процесот на преговори.
Ова го истакна македонскиот премиер Христијан Мицкоски по завршувањето на втора меѓувладина седница во Будимпешта, на македонската и унгарската влада.
„Се надевам дека конечно овој процес и за нас ќе биде откочен, со голема поддршка од нашата пријателска Унгарија и дека ние како држава ќе почнеме да преговараме, а јас сум убеден дека многу скоро доколку имаме можност да ги започнеме тие преговори на основа на вистински Копенхашките критериуми да ги завршиме успешно и да бидеме дел од Европската Унија (ЕУ),“ додаде тој.
На самитот се разговарало и за целокупната поддршка која што македонската Влада ја добива од страна на унгарската Влада.
„Знаете дека на почетокот имаше и финансиска поддршка од страна на Унгарија, средства кои што се користат за изградба на патишта, булевари, училишта, градинки, практично со тие средства ја модернизираме државата.
Она што исто така е многу важно да напомена е дека на денешната меѓу владина седница стана збор за идна, уште подлабока меѓудржавна соработка во делот на инфраструктурата, но исто така министрите помеѓу себе посебно министрите за внатрешни работи и министерот за одбрана разговараа за идна можна воена соработка, односно развивање уште подлабоко на воените индустрии на двете земји, а зошто да не вмрежување и настап на трети пазари,“ додаде Мицкоски.
Тој потенцираше дека „премиерот Орбан покажа и докажа многу пати во минатото дека е човек со интегритет, свои ставови и неговиот збор планини тежи за што ја има мојата неизмерна почит како човек кој што често пати со своето однесување знае да инспирира.“
„Само ќе потсетам на неговиот одржлив и громогласен став во борбата за заштита на европските граници од нелегалните мигранти.
Заедно да поттикнеме и поддржиме Европа да заземе поинтензивна улога во процес на постигнување на траен и одржлив мир во Украина, преку партнерство и сојузништво со САД, нешто што е во полза и на украинските пријатели, но и во полза на самата Европа,“ додаде Мицкоски.
Орбан посочи дека го информирал Мицкоски дека Унгарија диктатот од ЕУ нема никогаш да го прифати и затоа мора да плаќаат казни.
„Можете да сметате на нашата поддршка во процесот на зачленување на Македонија во ЕУ, не само затоа што е срамно што овој процес споро оди напред, а за тоа не е одговорна Македонија, туку ние членките на ЕУ.
Покрај тоа ние нивното членство го поддржуваме. ЕУ мора да биде поконкурентна во светот и не гледам друго решение за подобрување на конкурентноста освен продолжување на процесот на проширувањето. Секое проширување досега и донесе добро на Европската Унија,“ истакна Орбан.
Тој го информирал Мицкоски дека Унгарија ги поздравува преговорите меѓу САД и Русија и Унгарците се заинтересирани за успешен исход, како и дека имаат најдобри надежи за крај на војната.
„Ние се караме со државите од ЕУ кои се пријатели и наши сојузници, но решија дека Украина мора да продолжи со војната. Според нас продолжување на војната е лошо, опасно и грешка. Во четврток за тоа ќе зборуваме во Брисел.
Го поздравив фактот дека и во ОН се разговарало за одлуките за мир и таму Македонија и Унгарија имаат исто гледиште, ние го поддржавме американскиот предлог кој е прифатен од Советот на безбедност,“ рече Орбан на прес-конференцијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) Каде вечераа Мицкоски и Орбан
Кои министри се со Мицкоски во Будимпешта за меѓувладината седница со Унгарија
(Видео) Во Будимпешта Мицкоски е со сопругата, еве како беше пречекана македонската делегација
Фото: Влада