еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Основната каматна стапка се задржува на нивото од 6,30%

На седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка (НБ), одржана на 11. јуни било оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата, а со тоа, било одлучено, каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 6,30%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно, информираат од НБ.

“Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари. И натаму се очекува дека тековното ниво на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и за задржување на стабилноста на девизниот курс,“ велат од таму.

Главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика бил ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа.

„Инфлацијата во мај 2024 година умерено забрза и изнесува 4,5% на годишно ниво, при позитивен придонес за растот како од базичната инфлација, така и од останатите компоненти. Сепак, динамиката на инфлацијата во мај не отстапува од патеката на движење предвидена во рамките на пролетните проекции на Народната банка.

Според овие проекции, за целата 2024 година се очекува просечна инфлација од 3,5%. Во однос на цените на примарните производи на берзите, најновите прогнози се ревидирани умерено нагоре, односно се очекува нивен помал пад оваа година, а нестабилниот геополитички контекст и натаму создава неизвесност и нагорни ризици за следниот период,“ велат од НБ.

Оттука, било оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на монетарната политика.

Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни, велат од НБ.

“Нивото на девизните резерви на крајот на мај изнесува 4.293,6 милиони евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на девизниот пазар и натаму се поволни и придонесуваат за интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годината, при солиден прилив на девизи и на менувачкиот пазар.

Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во април 2024 година е во согласност со очекувањата од априлскиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар во вториот квартал, заклучно со втората декада од мај засега се близу до проектираните нето-приливи од приватните трансфери,“ велат од Народна банка.

Економскиот раст во првиот квартал на 2024 година малку забрза, во согласност со проекциите на Народната банка, но поумерено од очекувањата, велат од таму.

“Реалниот раст на домашната економија изнесува 1,2% на годишна основа, при натамошен раст и на квартална основа. Високофреквентните податоци за вториот квартал од 2024 година со кои се располага упатуваат на висок реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, а индустриското производство бележи мал пад.

Сепак, расположливоста на податоците е ограничена и не е доволна за попрецизна оцена. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.

Во монетарниот сектор, според првичните податоците за мај 2024 година, депозитниот потенцијал на банките и натаму расте, слично на очекувањата, при малку посилен кредитен раст од проектираниот.

Општо земено, најновите остварувања кај макроекономските показатели засега се близу до очекувањата од последните проекции, но условите за водење на монетарната политика и натаму се неизвесни.

Потребно е натамошно внимателно следење на динамиката и факторите кај инфлацијата, како и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата, вклучително и на пазарот на трудот.

Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок“, велат од НБ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Гаши се молеше во Собрание, нарушена секуларноста на државата

Редакција

Проф. Трајковски: Новиот сој омикрон во Македонија ќе пристигне пред новогодишните празници

Редакција

Во ГОБ „8 Септември“ се примени 21 нови пациенти, а 11 се со потешка клиничка слика

Редакција