Откако премиерот Христијан Мицкоски обелодени дека му нуделе поткуп за пругата кон Бугарија од Коридорот 8, Министерството за транспорт и ЈП „Македонски железници инфраструктура“ донеле одлука да ги повлечат нивните членови од комисиите за евалуација за избор на компании за надзор и за изведувач на третата фаза од делница на пругата кон Бугарија, информираше денеска министерот за транспорт Александар Николоски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
На Мицкоски му нуделе поткуп за пругата од Коридорот 8
-По јавно изнесените информации дека на премиерот му е понуден поткуп, ги повлековме членовите и тоа е најмалку што можеме да го направиме во овој момент. Со ова покажуваме дека со нас нема играње и дека ако некој мисли дека преку посредници може да влијае кај мене или кај премиерот, се лаже.
Исто така наивно е да се мисли дека овие понуди доаѓаат јавно на некоја средба. Мислам дека премиерот Мицкоски беше прецизен, а наш најголем сојузник во борбата против корупцијата е јавноста.
Ова е проект од претходната влкада на СДСМ и на ДУИ, а „непристојните понуди“ не доаѓаат официјално на состанок, има други канали на комуникација и затоа се решивме да ги повлечеме нашите претставници, рече Николоски, одговарајќи на новинарско прашање дали и нему му бил нуден поткуп.
Тој рече дека на јавниот повик за избор на компании за надзор и и за изградба се пријавиле седум компании, а најголемиот дел од нив биле несериозни, односно немало ниту една компанија од сериозна земја членка на Европската унија, а мислеле дека преку свои посредници ќе влијаат врз премиерот и кај него како министер.
Тој додаде и дека Македонија останува целосно посветена на овој инфраструктурен проект, но само откако ќе добиеме изводлив проект, а не проект кој завршува во тунел, со 22 тунели и 56 мостови, а кој чини прескапи 20 милиони евра по километар.
Фото: Влада