еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Странците воодушевени од нашите планини, уште државата да го потпомогне развојот на планинскиот туризам

Македонија беше домаќин на Генерално собрание на Меѓународната унија на професионални водичи во планина – UIMLA (Union of International Mountain Leaders Associations, www.uimla.org) кое што преставува највисок управувачки орган на унијата.

Важен дел од настанот беа стручните тематски сесии на кои се дискутираше за иднината на професијата, но и иднината на авантуристичкиот туризам во светот.

„Ова е голем настан и за Македонија и за развојот на туризмот. Во новата Стратегија која што треба да се прави, секако дека ќе влезе и алтернативниот туризам, во кој што ќе бидат вклучени и препораките од професионалците.

Туристите секогаш се чувствуваат безбедно, кога имаат водич кој има интернационална значка, се чувствуваат сигурно да патуваат и знаат дека ќе ги добијат истите стандарди каде и да се наоѓаат, во било која европска држава, па така и во Македонија,“ изјави  директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Билјана Стефаноска, која воедно и го отвори настанот, кое годинава е со посебна важност затоа што станува збор за јубилеј, по повод дваесет години од постоењето на меѓународната организација.

Претседателот на Меѓународната унија на професионални водичи во планина (УИМЛА), Иан Спер изрази задоволство што е втор пат во посета на Македонија.

„Мојот дом се швајцарските Алпи и ние имаме долга историја во планинскиот туризам. Кога дојдов овде забележав една голема работа, а тоa се енергијата и ентузијазмот за авантуристичките активности во планинарската заедница.

Силни се енергијата и ентузијазмот што организацијата на Костантин Циривири ги вложува и придонесува во развојот на планинарството, така што ние и колегите од целиот свет можеме многу да научиме и преку организацијата на овој настан, при што е испланиран секој детаљ,“ изјави Спер.

Претседателот на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина, Костантин Циривири, за присуството на директорката Стефаноска на настанот истакна дека, прв пат после речиси една деценија, професионалните водичи во планина и македонскиот планински туризам во земјава, добиваат институционално внимание.

„Се надеваме дека во наредниот период ќе го заслужат и вистинското место што и е потребно на оваа држава, не заради бенефитот на водичите, туку заради бенефитот на државата и целиот туристички сектор. Тоа е сосема логично во една земја со околу 80% од својата површина покриена со планини и со постоење на врвен професионален стандард, кој веќе дестина години е имплементиран во земјава. Можеме со сериозност да говориме за креирање на сериозни туристички производи кои ќе бидат конкурентни на пазарот.

Се надеваме дека самиот овој настан ќе биде апел до целата македонска јавност и до чинителите во туризмот воопшто, посебно до чинителите во активниот туризам. Прво да веруваме дека можеме да бидеме сериозна, компетентна и посакувана дестинација и да придонесеме во целокупниот економски, културен и во секој поглед развој на земјава и нејзино позиционирање на вистински начин во светот,“ изјави Циривири.

Во однос на странските гости, тој истакна дека како професионалци кои работат на терен, до сега не се случило да имаме посетител независно дали е турист, корисник на услугите или пак е тур-оператор да биде просечно задоволен, тукуи сите биле натпросечно задоволни.

„Воодушевени се од природното опкружување, релјефот, големата просторност и питомост на нашите планини, од гостољубивоста на луѓето, фантастичните климатски услови и неверојатното искуство со храната, која на некој начин е резултат на цивилизацискиот импресум што го има нашето секојдневно живеење, како резултат на се што се случувало на овие простори во минатите милениуми,“ додаде Циривири.

Според него, најмногу ни недостасува знаење кое што е адаптирано на современите трендови.

„Ние во својата традиција ја имаме гостопримливоста, што е многу важно во однос на конкурентните дестинации, меѓутоа мора да бидеме свесни дека посебно авантуристичкиот туризам е брзо движечки сектор. Работите се менуваат од ден во ден и неопходно е нашите туристички професионалци да се менуваат во согласност со тој чекор, доколку сакаме да понудиме на пазарот атрактивни и функционани производи, за на крај туристите да си заминат задоволни од земјата, бидејќи тоа е најевтината и најдобрата промоција за една дестинација,“ додаде Циривири.

Преку Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина, Македонија е прва и засега единствена земја од регионот која што е полноправна членка на UIMLA и која што врши обука на професионални водичи во соседните земји, како Косово, Албанија и Црна Гора, што преставува своевидна потврда за нашето регионално лидерство во планинскиот туризам.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонија ќе биде домаќин на Генерално Собрание на меѓународната унија на професионални водичи во планина

Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина „произведе“ 22 лиценцирани водичи во регионот, според стандарди на UIMLA

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Унгарија е новиот пазар на Реплек – продолжува зајакнувањето на извозните позиции на пазарот на ЕУ

Редакција

Минатиот месец регистрирани три нови случаи на ХИВ и седум со шуга: Најчести акутни заболувања биле овчи сипаници и ентероколити

Редакција

Пендаровски не прави ревизија на судската одлука, Мицкоски не бара амнестија, туку правда за осудените за „27 Април“

Редакција