Од Зоолошката градина во Скопје информираа дека во текот на минатата недела, во живеалиштето на берберски овци при редовна утринска контрола, биле пронајдени угинати животни, кои немале видливи знаци на повреди, ниту пак претходно покажувале знаци на болест.
„Веднаш беа повикани инспектор од Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) и стручни лица од Факултетот за ветеринарна медицина, кои направија целосен увид на лице место и ја отпочнаа постапката за обдукција на угинатите единки.
Причината за смртта ќе биде соопштена кога ќе бидат направени сите анализи и ќе ги добиеме резултатите од обдукцијата“, велат од таму.
Од Зоолошката градина се сомневаат дека станува збор за труење од гранки од растението тиса (taxus baccata), кое може да биде отровно за животните.
„Нашата установа редовно и транспарентно известува за сите случувања, а доколку се случи немил настан, веднаш ги известуваме сите надлежни институции со цел брзо постапување и откривање на причините“, посочуваат од таму.
Фото: ЗОО Скопје