Советот на Народната банка ја одржа својата редовна седница на која, меѓу другото, го усвои Извештајот за финансиската стабилност за 2023 година, информираат од таму.
Во Извештајот се оценува дека домашниот финансиски систем е стабилен, добро се справува со предизвиците и дека е отпорен на шокови.
„Амбиентот во 2023 година беше поповолен, со постепено забавување на инфлацијата, но и забавен економски раст, како и неизвесности и ризици од окружувањето. Сите институционални сегменти од домашниот финансиски систем и натаму функционираат непречено.
Ризиците за финансиската стабилност коишто произлегуваат од секој од овие сегменти се умерени, а умерен е и ризикот од „зараза“, односно ризикот од прелевање на ризиците од еден кон другите сегменти од финансискиот систем.
Банкарскиот сектор е најголемиот, но и главниот сегмент на финансискиот систем, каде што се концентрирани заштедите на нефинансискиот сектор и ликвидноста на останатите финансиски институции, поради што е клучен за финансиската стабилност на земјата,“ се вели во соопштението.
Во Извештајот е наведено дека окружувањето и натаму е неизвесно и упатува на ризици за следниот период, коишто главно се поврзуваат со можната ескалација на геополитичките тензии и нивното прелевање во глобалната, а посредно и во домашната економија, којашто како мала и отворена, е силно изложена на надворешните шокови.
„Исто така, евентуалното подолго задржување на заострените финансиски услови би можело неповолно да се одрази врз одржливоста на долгот, со преносни ефекти врз билансите на финансиските институции. Ваквите состојби упатуваат на потребата од натамошна внимателност од страна на финансиските институции и при водењето на макропрудентните политики, како поддршка за задржувањето на финансиската стабилност и во следниот период.
Одржувањето силен и отпорен банкарски сектор ќе биде приоритет на Народната банка и во следниот период, што е клучен предуслов за задржувањето на финансиската стабилност.
Оттука, во услови на неизвесно макроекономско окружување, макропрудентната политика на Народната банка и натаму ќе биде насочена кон одржување соодветна капитална и ликвидносна сила на домашните банки и со тоа, кон јакнење на отпорноста на евентуалните ризици,“ се додава во соопштението.