еМагазин
Image default
Балкан ТОП СТОРИИ

Вербална шлаканица од Рама за Бугарија од Тирана

Албанскиот премиер Еди Рама упати вистинска вербална шлаканица до официјална Софија и до сите ЕУ членки кои користат билатерални прашања за блокади, на форум во Тирана, организиран од македонската невладина организација „Солуција“.

“Зошто ја блокирате Северна Македонија? За да покажете дома колку сте силни!”, порача Рама заклучувајќи дека политиките на блокади се ужасни, одвратни и антиевропски.

“Што Ви е поентата? Што сакате да постигнете со блокадата на Северна Македонија? Што мислите дека ќе постигнете? Да падне поддршката во ЕУ, само тоа можете да го постигнете!”, рече тој.

“Ова е најантиевропска политика што може да се замисли, ова е најстрашен пристап кон нашата иднина и долгорочно ова е еднакво штетно и опасно и за нив, не само за нас. Ова е лудо! Целосно лудо!

Што значи ова? Дека сега за секоја земја која сака да се зачлени, може да се појави друга и да каже – а, не, прво да видиме кој беше овде прв, кога од мајмуни станавме луѓе, дали бевме ние или вие”, порача Рама и продолжи:

“Падот на поддршката кон ЕУ е резултат токму на ова ср..е! Национализмот ја киднапираше ЕУ и ЕУ станува жртва на националистичките пориви на земјите, една, па друга.

Решението е просто – не може билатералните прашања да блокираат! А ако некоја земја сака да глуми дека некое билатерално прашање е европско, тогаш мора да има барем уште една што ќе ја поддржува. Не може 26 земји да кажат – ова е билатерално прашање, една да тврди дека е европско, и наеднаш тоа да стане европско.

Наместо Бугарија да рече, добро ние имаме проблем со Северна Македонија (иако јас не им го разбирам проблемот, искрено), ама ајде да го оставиме настрана, а преговорите и трансформацијата на земјите да течат, тие бојкотираат.

Зошто ги блокирате самите преговори? Зошто блокирате реформи? Лудо! Одвратно!”, рече Рама.

“Истово се случи со Константинопол, додека Грците се занимаваа дали ангелите имаат секс, султанот ги освои. Така и ние сега, се занимаваме дали ангелите имаат секс, во регион во кој баш и нема ангели, а опасностите се тука”, рече тој.

Албанскиот премиер порача дека опасно е кога минатото станува повлијателно од иднината:

“Морате да го погледнете минатото со очите на иднината, не обратно.

Нашите проблеми во регионот почнаа тогаш кога добивме држави. Претходно тука си имаше луѓе кои живееја заедно, без разлика на своите различности, тераа бизнис заедно, се женеа и мажеа меѓу себе, се разведуваа… Штом добивме држави почнаа проблемите.

Па така сега се занимаваме кои се мајката и таткото на Александар, кој е овој, кој е оној… Какви глупости! Мислите дека обичен грчки таксист денес е навистина антички ексклузивен наследник на Платон? Јас не мислам.

Ова се тешки глупости и сите ние се занимаваме со ова до точка кога нашата иднината е загрозена”, порача Рама.

Шефот на албанската Влада, инаку, се обрати настан организиран во Тирана од Балканскиот центар за конструктивни политики – “Солуција“, во соработка со Белградскиот центар за безбедносни политики и фондациите Рокфелер и Отворено општество.

На настанот, заедно со него, зборуваа и Весела Чернева, заменик директорка на Европскиот Совет за надворешни односи, Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Советот за регионална соработка и Даниела Шварцер, членка на француско – германската група за реформи на ЕУ, а настанот беше модериран од претседателот на “Солуција”, Никола Димитров.

Фото: „Солуција“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кои се двајцата директори на М-НАВ, поради кои претседателот на синдикатот на контролори на летање беше викнат на сослушување во полиција

Редакција

Поради климатските промени, допрва ни следат големи елементарни непогоди

Редакција

Обвинителство нема да постапува за „Теретана“, случајот во кој Мицкоски се сомничи за прекршување на мерките за заштита од Ковид-19

Редакција