еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Костадиновски: Вложувајте во акции, не во ѕидови

„Акциите се вистински имот со реална вредност, кои треба да се вреднуваат како капитал, имот, бизнис, а не само како моментална цена на берзата. Не вложувајте пари само во купување станови, туку и во профитабилни акции затоа што моменталните цени на некои акции нудат екстремно поголема вредност за вашите пари. Вложувањето во акции е реален и опиплив имот и нашата цел е да ги доближиме овие можности до граѓаните“.

Оваа порака ја испрати Коста Костадиновски, овластен инвестициски советник од Капитал ассет менаџмент на четвртата традиционална Годишна инвеститорска средба.

„Оваа 2024 година се очекува стабилизација на макроекономските параметри, што секако ќе создаде можност акциите да добијат уште повисока вредност на берзите. Тие се ликвидни и достапни, а може да поседуваме акции во повеќе земји, со што се добива независност од локалните збиднувања и локалната економија. Нашите клиенти поседуваат акции во и надвор од земјава“, додава Костадиновски.

Економскиот амбиент во 2023 година, според Костадиновски, се отсликуваше со силни геостратешки превирања изразени преку ескалација на воени конфликти на Блискиот Исток, тензиите околу Тајван и продолжување на војната во Украина, истовремено со очигледно смирување на инфлацијата и промена на монетарните политики на централните банки.

Друштвото на клиентите им овозможува вложување и вообврзнички портфолија од домашни и странски издавачи и во различни валути, притоа обезбедувајќи нето годишен принос од 3 до 5.5%.

Во 2023-та година имотот на Друштвото под управување со индивидуално портфолио за клиенти порасна за 40 проценти.

„Се очекува инфлацијата да продолжи да забавува, што заедно со намалениот економски раст или потенцијално рецесија, ќе креираат средина во која централните банки тешко ќе наоѓаат аргументи да не почнат со намалување на каматните стапки.

Најсилните ризик фактори во 2024 година доаѓаат од геополитичките превирања. И секако, мислиме дека поголем број компании ќе остварат добри резултати, базирано на прелиминарните финансиски извештаи со 31.12.2023“, прогнозира Костадиновски за 2024 година.

Костадиновски им порача на инвеститорите дека единствена и најважна статистика за да се разбере функционирањето на берзата е дека добивки се случуваат во 78% од времето. Историјата покажува дека е девет пати поверојатно да имате добивка од 15 или повеќе проценти отколку да бидете во минус од 15 или повеќе проценти годишно.

„Луѓето интуитивно го избегнуваат ризикот и тоа е клучната причина зошто потфрлаат во инвестирањето“, заклучува Костадиновски.

На овој заклучок се надоврза Билјана Станковска Арсова, менаџер на Капитал финансиски центар и организатор на Годишната инвеститорска средба, која истакна дека од огромно значење е подигнувањето на финансиската писменост и култура на населението, посебно во делот на вложување во акции, бидејќи тој вид вложувања има најмала традиција во земјава, а нуди огромни можности.

За таа цел во текот на минатата година континуирано се одржувани семинари и работилници за да помогнеме граѓаните да ги разберат можностите кои ги нудат фондовите и берзите. Со зголемена динамика ќе организираме едукативни настани и во тековнава година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Најмладото на 47 години: Од Ковид-19 починале 17 лица, сите со коморбидитети

Редакција

(Видео) МВР пресече меѓународен канал за транспорт на марихуана, запленети 40 килограми

Редакција

Ленче Ристоска со емотивна порака за последниот работен ден на вработените во СЈО

Редакција