еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Марија Јосифовска-Спасовска од „Макпетрол“ меѓу највлијателните 50 луѓе на Балканот

Иницијаторот на општествено одговорната кампања „Крени глас против врсничкото насилство“, Марија Јосифовска-Спасовска, се најде на листата на 50 највлијателни луѓе во регионот според „Блумберг Адрија“.

Како член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“, Јосифовска-Спасовска е предводник на активностите за едукација и подобрување на состојбите поврзани со булингот. Токму овој ангажман е истакнат како клучна причина за нејзиното вклучување во оваа селекција на регионалната медиумска мрежа. Меѓу имињата издвоени од Македонија, таа е единствената жена.

– „Крени глас против врсничкото насилство“ е кампања на која што, посветено и темелно, работевме подолго време. Уште од нејзината зачетна фаза, кога имаше форма на моја лична замисла и искрена надеж за тоа како би можеле да помогнеме и да придонесеме во развојот на идните генерации, меѓу главните цели ни беше да поттикнеме отворена општествена дискусија за проблемот со булингот и да создадеме терен за соработка која што ќе им обезбеди поткрепа на најбитните за иднината на која било земја – децата и младите.

Навистина сме задоволни, не само од реакциите на комуникацискиот аспект на кампањата, туку и од фактичкото вклучување на голем број општини со нивните образовни установи. Преку поврзувањето на сите овие елементи, кое што ќе продолжи и во следниот период, се надеваме дека заеднички ќе дојдеме до решенија што долгорочно ќе помогнат во соочувањето со проблемот со врсничкото насилство. Овој избор од „Блумберг Адрија“ е уште една потврда дека сме на вистинскиот пат, вели Марија Јосифовска-Спасовска член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“.

Во процесот на избор, секоја регионална редакција на медиумот – српска, хрватска, словенечка, босанска и македонска – номинирала свои кандидати во пет категории: бизнис, финансии, технологија и наука, спорт, забава, како и посебни достигнувања. Во првичната селекција влегле над 140 кандидати, а во топ 50 се избрани тие со најмногу гласови.

– Поттикна лавина акции во целото македонско општество, а кампањата, која во земјата се организира под водство на нафтената компанија „Макпетрол“ и директорката за човечки ресурси Марија Јосифовска-Спасовска, како ниедна досега ги мобилизира институциите – молкот да стане гласен збор кога е во прашање врсничкото насилство.

Станува збор за кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“, која произлезе со цел да поттикне промени во начинот на кој се сфаќа врсничкото насилство, но и кои чекори треба да се преземат за таквото однесување да биде препознаено и спречено.

Во текот на 2023 година овој глас допре до илјадници ученици во 40 основни училишта, во кои се реализираа работилници, предводени од психолог и стручните служби на училиштата. Децата учеа за врсничкото насилство како да препознаат дали биле сторители, жртви или набљудувачи и гласно да зборуваат за тоа. Таму каде што потфрлија институциите, своето го одработе токму оваа кампања, напиша „Блумберг Адрија“ за изборот на Јосифовска-Спасовска.

Десет општини во Македонија досега директно се вклучија во кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“ преку работилници за учениците и за стручните служби овозможени од „Макпетрол“. За поефикасна реализација на активностите, досега беа потпишани меморандуми за соработка со Центар, Аеродром, Гази Баба, Гевгелија, Демир Капија, Куманово, Карпош, Кисела Вода, Ѓорче Петров и Штип. До крајот на 2023 година работилници се одржаа во пет, а во останатите општини најмладите ќе имаат можност да се здобијат со знаења во следните недели.

Освен организирање работилиници со психолог, „Макпетрол“ за училиштата испечати материјал со кој што учениците, стручните служби, како и родителите, подетално го запознаваат проблемот со булингот. Комуникациските материјали на кампањата, како едукативни спотови, епизоди од анимираната серија „Биби и Боби“ и брошури и во иднина ќе бидат достапни на социјалните мрежи, како и на вебсајтот kreniglas.mk.

Оваа платформа, исто така, овозможува секој што имал искуство со булинг, анонимно да ја сподели својата приказна. Интерактивните тестови, пак, помагаат да се дознае дали некој бил сторител, жртва или набљудувач на врсничкото насилство.

Со активностите од „Крени глас против врсничкото насилство“ се остварува еден од стратешките приоритети на „Макпетрол“ – општествената одговорност, посочуваат од компанијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Владата се согласи Енвер Малиќи да стане почесен конзул на Мексико во Македонија

Редакција

(Видео) Тројца нови монаси во Бигорски манастир, едниот по потекло од Финска

Редакција

Турција дала рок за екстрадиција на Палчо, Лога не кажа кога

Редакција