еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

Обоената животна приказна на графичарката Настески, која одбележува 20 години творештво

Графичарката Ивана Настески на 28. октомври ќе има изложба на акварели насловена како „Флора“, во нејзиниот роден град Тетово. Во градот под Шара, каде што и започна целото нејзино ликовно патување пред 20 години. Со изложбата „Флора“ всушност се одбележува нејзината прва изложба, зачекорувањето во уметноста, и како што вели во разговорот за еМагазин.мк, „мојата обоена животна приказна“.

„Пролетта, божествената мајска миризба на цвеќето се чувствува и преку нејзините слики и израз во кој игривоста е главен адут. Редок синестетски спој на елеганција, женственост и глас низ боите кои ослободено „прскаат“ и го прават секое нејзино поединечно дело како жив организам кој зборува.

Длабоко виолетово, сончево жолто, интензивно црвено – се само дел од емотивните нијанси во кои се гледа како уметникот му вдахнува душа на цветот. Женскиот принцип на раѓање, обновување на циклусот наречен живот е најсилната страна на оваа изложба. Не само поради фламбојантниот израз, туку и поради неговата искреност.

Цвеќиња се даваат кога човек ќе успее, ќе победи, но се оставаат и кога човек ќе замине засекогаш во вечноста. Ивана на совршен начин ја спојува моќта на цвеќето кое засекогаш останува во вечноста на уметноста, и истовремено ја носи победата. Како кога божицата Флора игра и пее, славејќи го новиот живот кој доаѓа,“ вели меѓудругото во рецензијата, поетесата Ана Голејшка Џикова.

Шар Планина како вечна инспирација

Акварелите, всушност го изразуваат карактерот на Ивана. Флора, можеби било нејзиното име во некој друг живот. Или ако не се викала Ивана, Флора би и стоело совршено. Разиграност во разговорите со неа, шаренило во погледите, „лепршава и цветна на сите страни“. Не е ни чудно бидејќи како што вели, „од кога паметам за себе, сум опкружена со: бои, четки, книги, музика.“

„На „Флора“ и претходеа многубројни фази и експерименти. Живеејќи под Шара, без сомнеж најпрво беа акварелите, посветени на Шар Планина и целиот тој, раскошен планински масив и воопшто целата планинска околина. Но забележав, дека во мојот дом и ателјеа секогаш има поставено вазна со цвеќе или чаша во која има цвет.

И дека сум опкружена со разнобојни цвеќиња некои во саксии а други во мојата градина во село.. И дека цветот како таков, е неизоставен елемент и од делата на големите мајстори, наоѓајќи простор и во библиските композиции или жанр теми. Сфатив дека тоа било така од секогаш.

Како (не)свесно да посегнувам, по првиот цвет кој ќе ми наиде на патот, макар тоа било и полско цвеќе или малечкиот, жолт цвет на првото дрво со кое се наговестува пролетта, а тоа е дренот. Си реков на себе си: а да се обидам да ги овековечам овие чуда на природата, со неверојатни и единствени форми и бои? Така настана „Флора“ во која сакав во акварелите не само да ги обединам фасцинантните облици, ами и тие да ги содржат и мирисите со кои се обдарени,“ раскажува Ивана.

Неизбежен дел од нејзината приказна е растењето покрај уметник, и тоа не кој било, туку Александар В. Настески. Ценет и признат од мајсторите на уметничкиот занает. Сликар, кој реализирал 33 самостојни изложби во земјава и странство, како и на меѓународни изложби во Франција и Италија.

За него, големиот Вангел Коџоман ќе истакне дека „стоејќи пред секое дело, се чувствува неговата емоционална вознемиреност и динамика, што е фактор за персонификација на творец со „лично вјерују“. Тоа е и карактеристика на нему својствено творештво со белези на богата и колористична палета, за еден свет вдахновен од него.“

Ивана немала ниту малку лесна задача, а тоа е „да излезе од неговата сенка“ и да се изгради како уметник со свој идентитет и печат. За нејзината, условно речено „борба за докажување“, вели дека, воопшто и не постоела.

„Лично никогаш не се сметавме двајцата, за конкуренти, ами напротив! Татковата школа и метод на работа, им го трасираше патот на бројни, денес, еминентни уметници, кои беа негови ученици. Несебично раздавајќи го своето знаење и поимање на уметноста воопшто, и јас се чувствував како негов ученик восприемајќи ги неговите лекции за уметноста и за животот!

Беше вистинска привилегија, да се има Александар В. Настески за родител и учител и да се твори со него, под исто небо. Секогаш тргнувам од непишаното правило, најпрво да не си го изневерам личното вјерују, а потем и неговото. Оттука верувам дека сум на вистинскиот пат…

Постоењето на татко ми, во мојот свет го сметам како дар, како подарок. Тој беше неверојатен уметник и редок човек, талентиран во речиси секоја област, па дури и во вајарството или во градежништвото вистински ерудит и мојот прв учител. Во сè,“ вели таа.

На моите часови секогаш има прекрасна музика

Настески е наставник и во основно училиште, па оттука има прекрасна и благородна мисија, да ја пренесе љубовта кон уметноста на најмалите и да ги научи на вистинските вредности.

„Во ова наше, денешно (не)време во кои моралните и етички начела за жал, базично се нарушени, единствено кое ми е важно како учител, е на сите мои ученици да им ја вдахнам љубовта кон убавото и над сè да бидат чесни и искрени кон самите себе си.

На моите часови секогаш има прекрасна музика најчесто џез или класика, за да им ги размрдам мозочните вијуги, да ја засакаат уметноста која е широк поим, а најмногу да им ја развијам љубопитноста кон уметностите.

И секако да го прегрнат животот со сите негови предизвици. Кој знае, можеби некои од нив, ќе прераснат во прекрасни уметници, надраснуваќи ги своите учители. Ако и малку успеам, во таа малечка моја мисија, јас ќе сум среќен учител,“ додава нашата соговорничка.

Речиси истата мисија постои и кај повозрасната публика, која, како да губи интерес за уметност и за купување на уметнички дела. Можеби тривијално прашање, со сиот ризик „коса да ѝ се крене на глава“, ја прашав може ли да се живее од нивна продажба?

„Понекогаш мислам, дека една иста публика, одиме или се (про)наоѓаме на исти културни збиднувања. Горам од желба, изложбите и културните настани да бидат посетени масовно. Културата е единственото нешто, кое не создава болка, ами радост! Да се живее вистински од продажба на ликовни дела, е речиси невозможно! Иако убедена сум, оти уметноста не е луксуз, ами потреба и дека може да се пронајде заеднички јазик помеѓу уметникот и купувачот.

Деликатен е сиот тој процес и од секогаш бил. Но сметам дека мора да постои и едукација во сферата на сите уметности без оглед, дали станува збор за филм, музика, балет или фотографија…Вистина ние, сме мала држава и како таква и нашиот пазар е мал. Но тоа е изговор!

Со продажбата или купувањето на ликовни дела, не само што ќе го облагородите вашиот животен простор, туку и ќе го мотивирате уметникот, да создава, да се почувствува сакан, прифатен и почитуван.Тоа е чудесен чин! Уметноста не умира. Никогаш! Таа е севременска,“ дополнува Настески.

ПС: И додека есента полека но длабоко ја обојува природата на Шара, и нечујно влегува во ателјето на Настески, пролетта се уште ќе биде расцветана и ќе блесне во сиот нејзин колорит низ акварелите на Настески, во просториите на Центар за култура „Иљо Антески Смок“ во Тетово.  На 28 октомври сите патишта нека водат до таму!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Не е само Македонија: ЕУ пред катастрофа во набавките на вакцини против Ковид-19

Редакција

Бугарите му се нафрлија на Еди Рама

Редакција

Град Скопје ќе дистрибуира топлинска енергија до граѓаните

Редакција