еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

Објавени добитниците на стипендијата „Борис Трајковски“ за школување во средното училиште „Нова“

Меѓународното училиште Нова Скопје ги објави добитниците на стипендијата „Борис Трајковски – Нова“ за четиригодишно школување во оваа реномирана образовна институција, информираат од таму.

Теа Ангелова од основното училиште „Гоце Делчев“ од Струмица, Катерина Георгиевска од „Ѓорѓија Пулевски“ од Скопје и Максим Ѓоргев од „Димо Хаџи Димов“ од Скопје, се добитници на целосна стипендија, додека Изабела Пренковска од „Војдан Чернодрински“ од Скопје и Андреј Гацоски од основното училиште „Вера Циривири Трена“ од Скопје, се добитници на делумна стипендија.

По внимателно разгледување на повеќе од 100 апликации, комисијата составена од професори и администратори при меѓународното училиште Нова, одлучи оваа образовна можност, каде што се вреднуваат не само академското знаење туку и вештините за тимска работа, критичко и креативно размислување, да ја искористат гореспоменатите деветтоодделенци.

– Сакав да се докажам себе си и моите способности, особено во делот на групната работа. Многу сум возбудена што ќе започнам ново патешествие во сосема поинаква средина. Особено ме интересираат воншколските активности, поточно дебатниот клуб.

Искрено, Нова е на сосема различно ниво од државните училишта и обезбедува повеќе можности за иднината, па токму поради тоа одлучив да аплицирам за стипендијата, истакнува Изабела Пренковска.

Теа Ангелова е благодарна поради можноста да аплицира за ваква стипендија, бидејќи го смета овој процес како одлично искуство. За неа, секој дел од процесот на аплицирање претставувал задоволство, и покрај предизвиците, како што е целосно искажување на личното размислување во триминутен видеоесеј.

– Холистичкиот пристап кон учењето, понудата на изборни предмети, ученичките клубови, како и меѓународниот амбиент се работите што најмногу ми се допаѓаат. Меѓудругото, и програмата по меѓународна матура, на начин како се практикува во Нова, отвора врати за универзитети низ целиот свет. Поради сите овие предности вистински сум благодарна за оваа стипендија, посочува таа.

Аргументите поддржани со веродостојни примери и проверени докази, како и начинот на изразување е еден од одлучувачките критериуми за оваа стипендија.

За Андреј Гацоски овој аспект во процесот на аплицирање бил сериозен предизвик, но успеал да го надмине уште на самиот почеток.

– Нова нуди огромен број можности за истражување различни дисциплини и за подобрување на сопствената личност. Едвај чекам да почнам да учам тука и да бидам дел од оваа заедница, вели тој.

Стипендиите се доделуваат од 2005 година. Проектот беше идеја на тогашниот претседател Борис Трајковски, а спроведен во соработка помеѓу училиштето Нова и Фондацијата Борис Трајковски, по неговата трагична смрт.

За оваа стипендија, потребно е кандидатите да ги поседуваат вредностите за кои се залагаше претседателот Борис Трајковски, и кои се негуваат во училиштето, како што се отвореност кон нови култури, емпатија, толеранција, интегритет и соработка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Втората сезона од хит-серијата „Тајната на виновата лоза“ од 28 март ексклузивно на Суперстар каналот

Редакција

Зголемување на платите од 32 до 52% како поддршка за вработените во dm drogerie markt

Редакција

Почнува 15-то коло од сезоната на Бизнис 3х3 Баскет

Редакција