Владата донесе одлука за зголемување на капитациониот бод за матичните доктори од општа медицина, гинекологија и стоматологија, почнувајќи од април 2025 година.
Државата издвојува околу 4,5 милијарди за матичните лекари, гинеколози и стоматолози, а за ова зголемување ќе се издвојат околу 550 милиони денари или над 9 милиони евра.
„Зголемувањето на капитацијата на матичните лекари значи повисоки плати и помотивирани лекари.
Согласно оваа одлука, вредноста на капитациониот бод за општа медицина и гинекологија ќе се зголеми од 75 на 100 денари, додека за стоматологија од 61 на 75 денари, што претставува зголемување од 33%, односно 23%. Ова зголемување доаѓа по повеќегодишна стагнација во периодот 2019-2022 година кога бодот изнесува 63 денари и 48 денари.
Ако погледнеме наназад, од 2015 година до сега, капитацијата за општа медицина порасна од 50 на 100 денари – удвојување на вредноста за една деценија. За гинекологијата исто така имаме раст од 50 на 100 денари, додека за стоматологија од 35 на 75 денари, што е зголемување за 114%,“ изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека потценетоста на примарната здравствена заштита доведе до намалување на бројот на амбуланти во 2024 година во однос на 2023 година за 34 амбуланти по општа медицина и 24 по стоматологија, а над стотина помалку амбуланти по општа медицина има сега во однос на 2015 година.
Фото: Unsplash