еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Бидете подготвени за и на се

Автор: Тодор Стојчевски

Седам во возило заглавен некаде меѓу Плетвар и кавадаречките села. Околу мене шума, нервозни возачи и сопатници, некој работник на новиот пат кој ќе ги поврзува Прилеп и Кавадарци и „убиствена тишина“. Едноставно, заглавен меѓу минатото (патот од Прилеп до местото каде што го пишувам текстот) и иднината (од местото каде што пишувам до Скопје како моја крајна дестинација). Ниту напред, ниту назад. Јас, во колата, тивка музика, компјутерот (без интернет) и еден тон мисли, размисли и планови. И тогаш, сам со себе, расчистувам многу дилеми.

Прво – во неволја сите сме исти. Заглавени. Со нас се само плановите како да се избавиме од ситуацијата, но без навидум можност за излез. Најверојатно, обременети со потребата од помош од роднини, пријатели и навидум, душегрижници. Во моментот, емоциите ми велат „излези од возило и онака, природно инстиктивно, викни гласно во немоќ“. Но, пред да ја преземам оваа Акција, кај мене се буди Мислата. „Биди разумен, разгледај ја ситуацијата од сите агли и тогаш, дејствувај“.

Второ – почитувај. Почитувај ги тие што се во неволја и страв за својата иднина. Во конкретната ситуација, вработените во кавадаречки „Еуроникел“ кои одлучиле, поради својата мака, да го блокираат патот меѓу овие два града. Во ред, ја сфаќам и прифаќам и ситуацијата и реакцијата. Но, одеднаш кај мене се појавува дилемата „зошто тие не ме почитуваат мене и потребата слободно да се движам“. Притиснат меѓу овие две дилеми, се сложувам сам со себе – јас можам да почекам еден час и ќе бидам „слободен“ да се движам. Но, тие се заглавени во ситуацијата и решението не зависи од нив. Верувам и сум сигурен дека надлежните органи и институции бараат соодветно најдобро решение, но секако тоа бара време.

Трето – ова ме загрижува – како да се научивме да живееме во неволја. Како нација ја „присвоивме“ неволјата како status quo состојба која, наместо да ја менуваме, ја прифаќаме како нормална. И во ваква ситуација лично, но и целата нација, се помируваме со случувањето и го прифаќаме како нормално. Потврда: сите возила чекаа во ред повеќе од два часа. Јас бев среќен што (ќе) чекам само еден час и што имав можност сите мисли да ги скрасам на ова парче електронска хартија.

Четврто – во ваква stuck ситуација, креативноста и инвентивноста не помагаат многу. Може да бидете креативни и да размислувате за решенија, но не може да ги реализирате се додека не добиете можност (некој не ви дозволи). Имаше и неколку инвентивни и нетрпеливи лица околу мене – се обидоа да ги „надмудрат“ блокирачите преку некои селски патчиња низ нивите. Но, еден по еден, се враќаа на „изворот“, онаму каде што првично застанаа, но сега не во главниот ред, туку од страна.

Петто – бидете подготвени за и на се. Случајно или не, во возилото имав шише обична вода, шише „необична“ кока-кола и бејк-ролс. Доволно да ја „пребродам“ ситуацијата, но не премногу. Да јадам, но да не се прејадам. Нели, тогаш паѓа притисокот и може да ја отспиеме ситуацијата. Затоа е добро да имаме кока кола – да ни го „крене“ притисокот. И вода – ако треба да се освестиме и да ја оладиме главата. А бејк-ролсот само да преживееме до следната надеж. И само што добивме искра надеж дека патот е де-блокиран и „мрднавме“ неколку метри, повторно блокада на патот. Позната ЕУ ситуација и интеграција.

Шесто – се што правиме како личности и како нација потребно е да го помине филтерот ЕМА: Емоција – Мисла – Акција. Ја чувствувам гордоста и радоста на државата дека успешно сме организирале ОБСЕ состанок и сме пречекале повеќе од 76 државнички делегации. Емотивно – имаме право на радост и гордост. Сме заслужиле да се радуваме на дипломатскиот успех. Мисловно – светот уште еднаш слушна за нас, овој пат верувам позитивно. Ние сме нација што знае да биде одличен домаќин и затоа, добиваме пофалби и честитки. И сега, останува уште Акцијата – да бидеме внимателни во сите следни државнички активности и да валоризираме нешто од нашите позитивни страни.

Само што тргнавме, „долетаа“ некакви остатоци на шофершајбната. Мислев конечно, барем на некоја птица и олесна. Исто како и на мене – ми се насмеа среќата и тргнавме. Но, тогаш се освестив дека тоа е тешка кал од гумите на возилото пред мене. И повторно освестување – не се оди во Европа со тешка кал на чизмите. Бара сериозно протресување на се што е видливо и невидливо.

И покрај сите пречки и ограничувања, стигнав на својата денешна дестинација. И додека го пијам своето кафе, Вие го читате овој текст, се надевам и посакувам државниците да работат согласно ЕМА принципот при донесување одлуки за нашата иднина. Знам дека е со мало задоцнување, но се надевам со едноставна порака до носителите на власта: државнички и национално – да бидеме трпеливи, помалку емотивни, повеќе да мислиме и повеќе да се активираме. Како на пример, во темата „каде ни оди нацијата и како да ја вратиме надежта“.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и нe ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на еМагазин.мк.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Владеењето на кралицата Елизабета Втора ги опфати вселенските летови пред Спутник и Експлорер 1“, напиша НАСА по повод смртта на Елизабета Втора

Редакција

Убава вест: Оздравени 641 пациент кои боледувале од Ковид-19

Редакција

Дрин Ахмети на „тапет“ на Антикорупциска за дозволите за хидроцентралата

Редакција