Семејната винарија „Лазар“ е успешна бизнис-приказна која се создава внимателно, но сигурно почнувајќи од 2015 година. Тогаш производството на вино изнесувало 50.000 шишиња, а денес таа бројка изнесува 150.000, со интенција за зголемување на капацитетот.
Во моментов имаат 22 различни етикети од различни брендови, но важат за „бела винарија“, бидејќи 70% од вината им се бели, розе и пенливи. За следните три години, планирано е зголемување на производството на црвени вина.
„Единствени сме на пазарот во Македонија што правиме пенливи вина по т.н италијанска просеко технологија, која технички се нарекува шармат технологија. Има и други винарии во Македонија кои прават пенливо вино и тие го прават според т.н традиционална и шампањска технологија.
Производството на сите вина е под највисок степен на контрола на сите процеси, во модерни иноксни машини,“ вели Александар Ристовски, оперативен менаџер во винарија „Лазар“.
Тој додава дека брендот „Лазар“ има добра препознатливост на пазарот во Македонија, а тоа гледаат од комуникацијата со клиенти и резултатите од продажбата. Извезуваат и во Велика Британија, Холандија, Белгија, Германија, Србија, Хрватска, Црна Гора.
„Имав доверба во брендот и квалитетот на вината. Во 2004 година првото вино од Македонија кое што беше наградено со златен медал на Мундус Вини во Германија, кој е трет најголем натпревар за дегустација на вино во светот, сопственикот Лазар тогаш со неговото вино „шардоне“, под брендот „Фонко“ доби златен медал, што е првиот златен медал за винарија од Македонија.
Денес, освен тој работат и двајцата негови синови кои се со соодветно образование за развивање и продажба на винскиот бренд,“ објаснува Ристовски.
Винаријата произведува 25% од вкупните потреби за грозје, а другото е откуп.
„Годнава ќе садиме малку поголема површина, лозарите се повеќе се откажуваат, бидејќи не им се исплати да работат. Најдовме површини, ќе садиме нови лозја за да ја обезбедиме нашата иднина иако имаме добри клиенти од кои набавуваме,“ додава Ристовски.
Во однос на перспективата на винарството, Ристовски оценува дека не треба да се очекуваат резултати за брзо.
„Нашиот резултат на промена на извоз на наливно вино од 80%, на намалување на 40% се случува 25 години. Има иднина, но таа состојба нема да трае вечно. На пример земјите како Ерменија, Грузија кои се колевката на виното се повеќе покажуваат реорганизација на нивната винска индустрија. Затоа е важно да ги искоистиме следните 10 години пред тие да дојдат на пазарот и да постанат интересни.
Европа бара нови подрачја, вкусови, нови искуства заради љубопитност. За прв пат Бордо во Франција имаат намалена продажба од 25% затоа што набилдаа приказна со многу силни цени. Луѓето се заситија и не сакаат толку многу да платат за француско вино. Италија на пример зголемува производство, бидејќи добро балансираат помеѓу цена и квалитет,“ објаснува Ристовски.
Во рамките на винарија „Лазар“ има и ресторан како и соби за преноќување. Ресторанот е со капацитет од 120 гости во внатрешниот и надворешниот дел. Во него има топла и пријатна атмосфера, кој што е идеален за зимскиот период.
Кога е топло пак, најголемата побарувачка за седење е во надворешниот дел кој има директен поглед на лозовите насади.
Храната е одлична и вкусна, има богат избор на јадења за сечиј вкус и за секој гурман.
Во однос на престојот таму, засега има седум двокреветни соби, чиј што капацитет ќе се проширува. Потребна е резервација, посебно за викенд.
Фото: eMagazin.mk