Податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажуваат дека годинава заклучно со 27. ноември, во Македонија се регистрирани 51 нов случај на ХИВ/СИДА.
Бројот на случаи годинава е поголем за 10,9% споредено со истиот период од 2023 година, кога биле регистриран 46 случаи, заклучно со ноември.
Од регистрираните случаи, 48 се од машки пол, а 3 од женски пол.
Просечната возраст на новите случаи е 36 години, е во опсег од 22 до 59 година, а 60,8% од случаите се на возраст од 20 до 39 години.
Регистрирани се 15 лица со хетеросексуална трансмисија и 36 лица од МСМ популацијата.
Од случаите во 2024 година, најголем дел се со место на живеење во Скопје со инциденца од 3,5/100.000 жители. Останатите случаи се регистрираат како спорадични случаи во 13 градови. Три случаи во 2024 се странски државјани.
Од 1987 до 27. ноември во Македонија се регистрирани 687 случаи на ХИВ/СИДА, но во последните години се бележи нагорен тренд, 41,2% од сите случаи се регистрирани во последните пет години, посочуваат од ИЈЗ.
Од регистрираните случаи, 616 (89,7%) се од машки пол и 70 (10,2%) од женски пол.
Високото пропорционално учество на машки лица во бројот на новорегистрирани случаи е тренд во изминатите 15 години.
Просечната возраст на регистрирани случаи кога била поставена дијагнозата е 43 години (опсег од 12-95 години).
Во периодот од 1987 до 2024 година (заклучно со 27.11.2024 година), вкупно 131 од дијагностицираните лица во Македонија починале поради причини поврзани со СИДА, што претставува стапка на смртност од 19,1%.
-Со воведувањето на антиретровирусната терапија, преживувањето на лицата кои живеат со ХИВ е значително подобрено. Во последните 10 години од 444 регистрирани случаи регистрирани се 32 смртни случаи што претставува стапка на смртност од 7,2%.
Кумулативно, најголем број од случаите се со место на живеење во Скопје.
Според начинот на трансмисија, најголем број од случаите (61,3%) се кај мажи кои имале секс со маж, хетеросексуалниот начин на пренос е регистриран кај 225 случаи, лица кои инјектираат дроги учествуваат со 1,7%, а по 6 случаи (0,9%) се регистрирани кај лица со хемофилија (последниот пред 18 години) и вертикален пренос од мајка на дете, посочуваат од ИЈЗ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во Македонија над 500 лица живеат со ХИВ, како се пренесува?