Дури тројца судии биле изземени додека Основниот суд во Тетово одлучи чиви ќе бидат печатите на владејачката Алијанса за Албанците (АА), односно дали неа ќе ја води Арбен Таравари или Зијадин Села, информираа денеска од крилото на Таравари.
Од таму обвинија дека крилото на Села ги искористило сите правни механизми за да промени судии, додека не успеале да најдат судија кој ќе пресуди во негова корист.
Адвокатот на крилото на Таравари, Абидин Абдули, посочувајќи ги и имињата на судиите, детално го објасни судскиот епилог во кој сопственик на печатите стана Села.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Судот му ги даде печатите на АА на Зијадин Села
„На оваа одлука ѝ претходеше изземање на тројца судии. Првин предметот беше определен кај единствениот судија во Основниот суд во Тетово, кој е надлежен да постапува по предметите на политичките партии, судијката Бојана Тоиќ, меѓутоа другата страна бараше нејзино изземање со образложение дека премногу бавно се работел предметот.
Претседателот на судот, кој го уважи ова барање заборава дека предметите во Основниот суд Тетово се закажуваат и после шест месеци па и повеќе и не се процесираат со месеци и години.
После тоа предметот беше доделен кај судијката Тодора, па и кај неа имаше барање за изземање со образложение дека претседателот Арбен Таравари бил близок пријател со братот на судијката, иако тој бил починат пред четири години.
После тоа предметот беше доделен кај судијката Јасмина, која под очигледен притисок, дента кога го прима предметот, отвара боледување и така предметот стигнува до судијата Илир Реџепи“, рече на прес-конференција Абдули, кој посочи и дека судечкиот судија не зел во предвид ниту еден доказ доставен од правниот застапник на крилото на Таравари и обвини дека најверојатно одлуката е донесена надвор од судот.
Бидејќи судската одлука не е конечна, тој, како што веќе најави и Таравари, најави жалба за одлуката до Апелациониот суд во Гостивар, а се разгледувала и можност за кривична и процедурална одговорност на претседателот на Судот и на судечкиот судија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Таравари може да обжали, но од формално-правен аспект јас сум претседател на АА, вели Села
Фото: Таравари/Фејбук