Заштитата на личните податоци станува еден од врвните приоритети во современото живеење како резултат на засилениот процес на дигитализација.
За да обезбеди силна заштита на податоците на своите клиенти, ЕОС Матрикс Македонија го имплементираше меѓународниот стандард ISO 27701:2019 и е единствена компанија во финансискиот сектор која работи согласно високите принципи на заштита што ги гарантира овој стандард, информираат од таму.
Сертификацијата ја изврши реномираната консултантска куќа за информациска безбедност CIS – Certification & Information Security Services GmbH, која поседува глобално искуство во оваа област.
„Дигитализацијата и имплементацијата на иновативните решенија во деловното работење се реални процеси, кои мора да се имплементираат заедно со системи и стандарди за безбедност на податоците и јасно следење на сите активности, односно следење на дигиталниот отпечаток.
Имајќи ја предвид важноста на безбедноста на податоците, започнавме да имплементираме стандарди како што е ISO 27701:2019, кои не само што обезбедуваат висока заштита на податоците, туку истовремено наметнуваат нови критериуми во работењето преку кои се едуцираат и нашите вработени и се подигнува целокупниот квалитет и потенцијал на нашите услуги, согласно современите потреби на пазарот.
За нас безбедноста на податоците ќе остане врвен приоритет“, вели Катерина Бошевска, генерална директорка на ЕОС Матрикс Македонија.
Сертификацијата ќе важи три години, по што ќе следи нов процес на проверки и скенирања од страна на независен консултант, бидејќи критериумите постојано се ажурираат.
Овој стандард е развиен од Меѓународната електро-техничка комисија (IEC) и вклучува повеќе од 40 меѓународни стандарди кои се однесуваат на управувањето со ризик, безбедност во „облак“, како и форензика и анализа на дигитални докази. Компаниите кои го имаат имплементирано овој стандард покрај поголемата безбедност на податоците можат и да ги проценат своите ризици и да спроведат поголеми контроли.
Како финансиски инвеститор со меѓународна експертиза кој делува на македонскиот пазар и во континуитет развива нови финансиски алатки, ЕОС Матрикс Македонија ќе продолжи да го подигнува нивото на безбедност. Како резултат на своите проширени активности, ЕОС Матрикс Македонија го зголеми откупот на побарувања во корпоративниот сектор за 1 милион евра, посочуваат од таму.
ЕОС Матрикс Македонија е дел од „ЕОС Груп“, групација која работи на повеќе пазари, а чие вкупно инвестициско портфолио на побарувања изнесува 1,2 милијарди евра. Компанијата нуди иновативни технолошки решенија кои ја збогатуваат понудата на финансискиот пазар, подобрувајќи ја можноста за развој на корпоративниот сектор и за зголемување на неговата конкурентност.
Дел од активностите на компанијата се насочени кон креирање на системско решение за решавање на корпоративната инсолвентност согласно последните препораки на Европската унија во оваа област, која предвидува креирање на решенија што ќе овозможат реорганизација и рестартирање, наместо стечај или ликвидација на компаниите.
„ЕОС Груп“ е присутна на пазарите во 24 земји, а вработува 6.000 лица ширум Европа. ЕОС Матрикс Македонија годинава одбележува 20 години од своето делување на домашниот пазар.
Фото: Unsplash