еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Запознајте го Македон Димитровски, македонското чудо од дете, кое сака и да им помага на другите деца

Македон Димитровски, кој еМагазин го избра за Личност на годината за 2023 година, е пред се културно, воспитано и разговорливо дете, кое што многу сака да си игра со другарите и други деца и да им помага доколку имаат нејаснотии и потешкотии околу учењето.

Неговиот коефициент на интелигенција е 134, како деветгодишник учи математика за средно образование, а до сега добил четири златни, два сребрени и еден бронзен медал на светски и домашни натпревари во конкуренција со илјади деца.

Заљубен во астрономијата

Топло не прими со неговите родители во неговиот дом во Скопје, а разговорот го започнуваме за астрономијата, при што, тој е професорот, а јас ученикот.

„Многу ја сакам астрономијата, а ќе ви кажам и зошто, бидејќи сакам да откривам за големи планети и за големи галаксии. Со планетите експериментирам на лаптоп. Во универзумот има чудни работи.

Откривам на какви начини може да се претворат да има живот на нив. Или колку големи инсекти ќе има на планетите ако ѕвездата стане поголема или потопла. Или како ако некоја ѕвезда се зголеми, дали ќе стане поладна.

Сите планети во Сончевиот систем ќе исчезнат во максиум сто квадрилион години. Последните ќе бидат Земјата и Марс,“ ми раскажува Македон и ми покажува видео со планети, за кое вели дека е врвно изработено, но тој нашол грешна илустрација на една планета.

„Таа е прикажана светла, но изгледа сосема поинаку. Целата е темна,“ ми посочува Македон и ми докажува со факт. Со еден клик го наоѓа изгледот на планетата и прави споредба. На Интернет ги добива сите инфорамции кои се од негов интерес.

И професор од универзитет од Мелбурн му предава математика и физика

Македон учи во „Нова“, откако благодарение на стипендијата од училиштето и компанијата Пантелеон ГС, од тетовското училиште „Лирија“ се префрли да учи во Скопје.

„Во “Нова“ ми е исто така добро, имам најдено некои други другари. Исто така можам да речам дека во “Нова“ е многу убаво, бидејќи начинот на кој што не учат е многу поинтересен. Има и нови предмети, но јас сум доста среќен што не пуштаат и надвор да играме,“ раскажува Македон.

Неговиот татко Владимир вели дека наставничката во Тетово добро се снаоѓала со него, но тој како дете со огромен капацитет за знаење, барал многу повеќе. Македон е трето одделение, а учи задачи за средно училиште.

„Во “Нова“ немаат дополнителна програма за талентирани деца, но имаат дополнителни професори што доаѓаат од средното образование. Професор по математика од средното образование доаѓа и работи со него,“ вели Владимир.

Освен математика, Македон учи и физика, а како што вели, многу му е интересна и граматиката.

„Имаме натпревари по спелување секоја недела, и имам добри вести да ви кажам. Од почетокот на оваа година никој не победил освен мене,“ вели Македон.

Верувале или не, ова дете учи онлајн и со професор од универзитет од Мелбурн, Австралија. Тој му предава математика и физика и го подготвува Македон да полага тест за прием на Харвард на 11 години. Но, што ќе биде доколку положи, родителите не сакаат да размислуваат уште од сега.

„Тој доби стипендија од 60.000 долари за да учи во врвно престижно училиште во Австралија, но одбивме затоа што е мал. Затоа не сакаме да планираме до детали и за Харвард,“ вели неговиот татко.

Македон учи и за алгоритмика и програмирање и прави програмчиња постојано.

„Имам направено програма со која на мајка ми можам да и направам препорака колку пари да троши месечно,“ вели Македон, а мајка му Тина го надополнува дека многу е скромен и дека ништо не сака да му се купи.

„Го молиме за нешто да му купиме за Нова година, но неговата препорака за Дедо Мраз е сите да сме биле живи и здрави. Една година имаше желба да му се купат 100 бели листови и фломастари што не престануваат да пишуваат,“ велат неговите родители.

На 2,5 години почнал да чита и на латиница и на кирилица

Родителите откриле дека Македон е дете-генијалец на 2,5 години кога започнал да чита и на латиница и на кирилица.

„Во тој период никој не работеше со него, имавме жена која што го чува. До 4,5 години правеше работи кои беа несекојдневни за нормално дете. Кога го однесовме да го тестираме ни кажаа дека е натпросечно интелигентен. На 4,5 години коефициентот на интелигенција му изнесуваше 134, а ни кажаа дека кога ќе почне со школувањето, може да стигне и до 150,“ вели неговата мајка.

Во моментов Македон учи германски јазик преку телефон. Кога живееле во Тетово, одел само една година на курс по германски и после тоа не сакал.

„Можам да објаснам зошто, бидејќи немав никаков предизвик. Се што научив германски, научив од апликацијата дуо линго,“ вели Македон.

Бидејќи е генијалец, впечатокот е дека тој е постојано на компјутер и нешто учи, но самиот вели дека многу сака деца, се дружи и оди по игротеки.

Она што е за истакнување и за пофалба е што сака да им помага на децата во учењето, доколку нешто не им е јасно.

„Во одделението во “Лирија“ во Тетово, тој им беше стимул. Во класот имаше Ромкиња, која никако не се вклопуваше. Но Македон, го учеше девојчето да пишува. Буквално тој е заслужен што таа почна да чита и да пишува,“ вели Владимир, а Македон го дополнува дека тоа го сторил и со помош на неговите другарки Михаела и Ива.

Работи и на три гаџети во исто време 

Она што е жално за Македонија, е што нема програми за талентирани деца, па дури и да ги препознае, не ги помага. Македон е добитник на наградата „Млад талент“, во која конкурираат само ученици од средните училишта, и ја доделува претседателот на државата.

Освен кај претседателот, Македон и неговите родители биле на прием и кај градоначалникот на Тетово, а од сите ветувања на министерот за образование и наука, досега не добиле ништо.

Како помалку познати факти за Македон се тоа што го добил името по дедо му, сака и учи да скија со неговиот татко, а негова омилена раса на куче му е шарпланинец. Работи и на три гаџети во исто време.

„На лаптопот играм со планети, а на таблетот гледам смешни работи. Имам и плеј стејшн,“ ни раскажува Македон.

За тоа, што сака да биде кога ќе порасне, вели дека е мал и има уште време за размислување.

„Не можам да претпоставам за кои работи ќе имам главен интерес,“ вели Македон, кој се изразува како академик.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Личност на годината на еМагазин: Македон Димитровски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Македонија на 57. место: Индекс на медиумска слобода на Репортери без граници

Редакција

Кои се следните чекори, доколку Заев поднесе оставка до Собранието или на Владата ѝ се изгласа недоверба

Редакција

Кои се симптомите на конго-кримска хеморагична треска од која е заболен вработен на Инфективна

Редакција