Комплексот „Македонско село“ повторно ќе стане центар на културата, автентичната архитектура и македонска традиција, и наскоро ќе се врати на туристичката и културната мапа на Македонија, информираат од Влада.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, денеска ја потпишал одлуката за избор на концесионер на комплексот, кој бил избран по пат на електронско јавно наддавање, преку системот со кој управува и оперира Министерството за финансии, посочуваат од таму.
Концесионерот има обврска да ги преземе сите потребни активности за оспособување на Комплексот за почеток со работа од 1.06.2025 година.
Комплексот „Македонско село“ не функционира речиси седум години, откако претходните концесионери се повлекоа поради финансиски загуби, а во меѓувреме, СОЗР редовно ги исплатуваше трошоците за осигурување и обезбедување и практично имаше финансиски загуби од над 300.000 евра.
Комплексот „Македонско село“, кој се наоѓа на падините на Водно, блиску до селото Нерези, се состои од 12 автентични куќи, со простории каде се претставени македонските занаети, делови се користат како хотелски соби, а некои имаат и ресторански дел.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Објавен е огласот за закуп на „Македонско село“, од 1. јуни комплексот почнува со работа