Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) засилено ќе ја поддржи реализацијата на активностите на Македонскиот олимписки комитет (МОК) кои се однесуваат на поддршка на тренажниот и натпреварувачкиот процес на олимписките кандидати на МОК, како и обука на стручниот тренерски и административен кадар на националните спортски федерации, информираат од таму.
-ИОК особено го поддржува проектот на МОК за поставување нов фотоволтаичен систем на Олимпискиот спортски центар „Јане Сандански“ во Скопје, што ќе придонесе за голема заштеда на финансиски средства и нивна пренамена за дополнителна поддршка на најдобрите македонски спортисти.
ИОК ја истакна засилената поддршка за активностите на МОК на средбата меѓу претседателите на двете олимписки организации, Томас Бах и Даниел Димевски, деновиве во Париз, за време на одржувањето на летните олимписки игри.
На оваа средба претседателот на ИОК, Томас Бах, го нагласи огромното значење на соработката со МОК и ја истакна важноста на планираните проекти на македонската олимписка организација, особено поставувањето на фотоволтаичниот систем кој во голем обем ќе помогне во заштитата на животната средина.
Во таа насока, Димевски, со посредство на ИОК, го потпиша Парискиот договор на Обединетите нации – рамка за активности „Спортот за климатските промени“, со што МОК се обврза да ја поддржи сеопфатната мисија за доведување до нула штетни емисии во воздухот во спортскиот сектор во следните децении.
Исто така, со потпишувањето на овој документ МОК ја изрази намерата за имплементирање на принципите содржани во него, како и обврската да соработува со сите релевантни фактори за подобрување на агендата за зајакнување на климатските активности во спортскиот сектор, информираат од таму.