Стопанска Банка АД Битола во првото полугодие од годинава остварила добивка од 51,01 милион денари, што е значајно подобрување во однос на првото полугодие од 2023 година, кога работела со загуба од 53,69 милиони денари, информираат од таму преку Македонската берза.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Стопанска банка Битола добила известување од Комерцијална за преземање на сите обични акции
-Позитивниот финансиски резултат се должи на задржаниот висок оперативен резултат (од 75,92 милиони денари), засилената наплата на нефункционалното портфолио на Банката, како и на пониското ниво на исправка на вредност на нефункционални пласмани во однос на претходната година, велат од таму.
Нето-приходите од камата во периодот 1.1.2024 – 30.6.2024 година се повисоки за 17,99 милиони денари, или за 8,21% во однос на истиот период од претходната година, велат од таму.
-Приходите од камати се повисоки за 31,61 милион денари, односно за 11,19%. Преструктурирањето на активата на Банката кон ликвидна актива се одвиваше во услови на поволни каматни стапки на пласманите на Банката во инструменти на монетарната политика, државата и странските банки.
Од друга страна, трендот на засилено штедење на населението во Банката, којшто започна во 2023 година, се одрази врз растот на расходите по камати, кои во првото полугодие на 2024 година се зголемија за 13,62 милиони денари, односно за 21,55% во однос на истиот период од претходната година, велат од таму.
Нето-приходите од провизии и надомести се пониски за 8,88 милиони денари, односно 13,42% споредено со првата половина од претходната година, што се должи на зголемените тарифи на добавувачите на услуги на Банката, велат од Банката.
-Нето-курсните разлики не бележат значајни промени на годишна основа. По спроведување на процесот на дорезервации на портфолиото на Банката, кој започна претходната 2023 година, исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа во периодот 1.1.2024 – 30.6.2024 година е значително пониска споредено со истиот период од 2023 година, и тоа за 62%.
Трошоците за вработени се одржуваат на оптимално ниво, без поголеми промени на годишна основа. Активностите за оптимизација на трошоците резултираа со намалување на останатите расходи од дејноста за 16,37 милиони денари, односно 15,82% споредено со првата половина од 2023 година. Ваквиот начин на управување со билансот ја зајакна капиталната и ликвидносната позиција на Банката.
Стапката на адекватност на капиталот заклучно со 30.6.2024 година изнесува 24,57%, додека учеството на ликвидната актива во вкупната актива достигна 43,42% и истите се значајно над просечните нивоа регистрирани во банкарскиот сектор, велат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Комерцијална и Стопанска банка Битола пред спојување