Ништо ново конкретно нема во случајот за екстрадиција на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од Косово, кои во Македонија се осудени на доживотен затвор за петкратното убиство кај Смилковското езеро во април 2012 година.
Македонија неколку пати досега бараше нивна екстрадиција, тие и беа уапсени во Косово пред неколку години, но беа пуштени.
Прашан за нивната екстрадиција, косовскиот премиер Албин Курти, на вчерашната прес-конференција со неговиот македонски колега Христијан Мицкоски во Приштина, рече дека косовскиот и македонскиот министер за правда работеле на тоа што поскоро да се реши прашањето за нивна екстрадиција.
– Тие комуницираат директно меѓусебе и се залагаат да го решат што поскоро ова прашање со оглед на тоа што се работи и за прашање на судови, на јавни обвинителства. Ние сме во ситуација кога имаме наследено старо прашање, и ова наследено прашање налага законски, судски третман, рече Курти, додавајќи дека двајцата министри даваат максисмум за што поскоро да се реши ова прашање.
– Да им дадеме уште малку време на двајцата и да го решат овој проблем, рече Курти.
Мицкоски рече дека го поддржува она што го кажал Курти.
Кај Смилковското Езеро беа убиени момчињата Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, и рибарот Борче Стевковски.
Фото: МВР