Денеска во Кривичниот суд Скопје беше одложено рочиштето за убиството и грабнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, откако првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо побара изземање на обвинителката Жаклина Јосифовска и на целото Основно јавно обвинителство од случајот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Палевски за Јосифовска побара и кривична одговорност за наводно криење докази во истрагата, а изземање на Обвинителството побара поради “политичко договарање и тешка конструкција“ против него како киднапер и убиец на Ѓорчевска и Жежовски.
„Многу е чудно како обвинетиот Палевски ги има записниците од испитувањата во Обвинителството на обвинетите Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, бидејќи тоа се списи кои ги има само Обвинителството, а не се доставени ниту на увид, ниту е даден еден единствен примерок некому од одбраната.
Оттука, многу е чудно како обвинетиот дошол до нив и ги презентира во јавноста.
Додека не преземеме чекори против некое лице, не можеме да кажеме кој му ги дал на Палевски“, изјави Јосифовска на прашања на новинарите по рочиштето, подвлекувајќи дека се приближува денот кога јавноста ќе биде запознаена кои дејства конкретно ги презел Палевски, кој негира дека учествувал во планирање, киднапирање и убиства на Ѓорчевска и Жежовски.
„Обвинителството ги презеде сите дејствија и ги приложи сите потребни докази“, рече таа.
Судењето продолжува на 3. февруари.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Сведокот Гоце Трајковски и денеска нема да сведочи за убиство на Вања и Панче
Фото: Палевски/Фејсбук