Министерот за локална самоуправа, Златко Перински информираше дека денеска е објавен вториот јавен повик за финансиска поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти со вкупен износ на средства за финансирање до 15 милијарди денари.
Повикот е објавен на веб страницата на Владата и на Министерството за локална самоуправа, како и во дневни печатени медиуми на македонски и на албански јазик.
Перински истакна дека право на учество имаат општините и општините во градот Скопје, кои можат да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, како и од областа на социјалната политика и образованието.
Апликативните формулари се доставуваат до Министерството за локална самоуправа, а проектната документација до ресорните министерства од областа на проектот, најдоцна до 30. април 2025 година.
„Веќе е познато дека целта на јавниот повик е да се доделат средства за проекти кои ќе придонесат за значајно унапредување на инфраструктурата во нашите општини, со директен позитивен импакт врз економскиот раст и квалитетот на животот на граѓаните.
Со реализацијата на овие проекти, очекуваме значајни подобрувања во секојдневието на нашите граѓани, зголемување на економската активност, како и унапредување на инфраструктурните капацитети на самите општините ширум државата“, изјави министерот, кој посочи дека овој втор повик е продолжение на успешно спроведениот прв јавен повик, кој веќе дава резултати на терен и е уште една потврда за нашата определба за унапредување и развој на сите единици на локалната самоуправа.