Идниот премиер Христијан Мицкоски денеска најави дека на 18. јуни (вторник) до македонското Собрание ќе биде доставен списокот на членовите на новата влада и програмата за работа, а на 16. јуни (недела), ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “Твоја Македонија“ ќе ја информираат јавноста кои се имињата на нивните министри, откако претходно ќе се одржат седници на Извршниот и на Централниот комитет на партијата.
Тој потврди и дека во новата влада ќе има претставници на коалициите „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ и на ЗНАМ, а во опозиција ќе бидат коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ, коалицијата „Европска иднина“, предводена од СДСМ и Левица.
Во идната влада, како што рече, повеќе нема да има економски директори во здравствените установи, ќе има еден клинички центар, ќе се укинува позицијата заменик директор онаму каде што постои, за 20 отсто ќе се намалат членовите на управните одбори и ќе се намали бројот на пратеници од 120 на 90.