Во пресрет на финалниот ракометен напревар од ЕХФ Европскиот куп помеѓу РК „Алкалоид“ и РК „АЕК“, кој ќе се игра во недела во Скопје, од тимот на денешната прес-конференција упатија апел до сите поддржувачи за фер и спортско навивање.
-Во пресрет на финалниот ракометен напревар од ЕХФ Европскиот куп меѓу РК „Алкалоид“ и РК „АЕК“, упатуваме искрен апел до нашите поддржувачи – да jа покажеме љубовта кон македонскиот ракомет и кон ракометниот клуб Алкалоид со фер и спортско навивање.
Да навиваме со срце, да бодриме со почит и да покажеме дека вистинските навивачи се дел од фер-плејот на теренот.
Ви благодариме за сета досегашна поддршка и убавите коментари за првиот одигран натпревар против РК „АЕК“.
Во недела имаме пред нас уште 60 минути тежок и голем предизвик. Публиката како никогаш до сега имаме потреба да нè бодри, да навива за нас, покажувајќи респект и почит кон гостинската екипа, во духот на фер-плејот.
Со нас на трибините во недела ќе биде и нашиот најмлад навивач кој има само две години, а единствената официјална навивачка група на РК „Алкалоид“ „Кафетинки“ се вистински пример за тоа како е да се навива гласно, но од срце и со стил!
Да бидеме пример за спортска култура кон нашиот тим, гостите и претставниците на европската куќа на ракометот, затоа што спортот не е само борба за победа, туку и празник на почитта, заедништвото и витешката игра.
Да навиваме фер и со срце, напред Алкалоид!, рече претседателот на РК Алкалоид, Горан Минов.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Алкалоид на чекор до европската титула, во Атина го победи АЕК
РК Алкалоид испиша историја и се пласира во финалето на Европскиот куп на ЕХФ