еМагазин
Image default
Локално ТОП СТОРИИ

Се реконструира автокампот Ливадишта во Радожда

ЕСМ Молика започна со целосна реконструкција на Автокампот Ливадишта во Радожда, Струга, информираат од таму.

“Активностите се во насока на подигнување на квалитетот на услугите и збогатување на содржините што ги нуди ова популарно одморалиште на брегот на Охридското езеро. Целта е во пресрет на летната туристичка сезона, Ливадишта конечно да прерасне во современ автокамп, со европски стандарди.

За првпат после 50 години од изградбата на Автокампот Ливадишта, се менува водоводната и одводната инсталација, се реновираат тоалетите и капатилата, се заменува инсталацијата за напојување со електрична енергија,” велат од ЕСМ.

Сите постоечки градежни парцели во автокампот ќе бидат реконструирани. Функционалните камп приколки во одморалиштето ќе бидат репарирани, а оние што веќе не можат да овозможат квалитетно сместување ќе бидат отстранети. Реновирани ќе бидат и сите бунгалови во кампот, а ќе се изградат нови парцели за трејлери и шатори.

Темелна реконструкција ќе претрпи и ресторанот во Автокампот, санитарните јазли и пропратните простории во рамките на објектот. Во ресторантската кујна ќе бидат обновени сите простории и површини согласно стандардите за безбедност на храната, а ќе бидат воведени и новини кои ќе ја збогатат понудата за уште поголемо гастрономско уживање покрај Охридското езеро.

Плажата во Автокампот Ливадишта ќе добие нов, ситен песок, просторот во целиот автокамп ќе биде партерно уреден, а спортските терени ќе бидат, исто така, реновирани. Најмладите летувалци во Ливадишта ќе добијат соодветен простор за детска забава и анимација.

“Почитувајќи ги обврските кон закупците на простор во Автокампот Ливадишта, ЕСМ Молика ги извести за градежно – занаетчиските работи кои започнаа во одморалиштето со надеж дека до почетокот на летото активностите ќе бидат завршени.

После целосната реконструкција на Хотелот Молика, прва после 30 години од неговата изградба, реконструкцијата на Автокампот Ливадишта е вториот голем проект кој го реализира Друштвото за туризам, угостителство, рекреација и спорт ЕСМ Молика“, велат од ЕСМ.

Фото: ЕСМ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пендаровски на Самитот „Македонија 2025“: Младите мора, првата шанса за успех да ја добијат дома

Редакција

СЗО: Лицата кои немаат симптоми на корона вирусот, ретко ја шират инфекцијата

Редакција

Беќаровски: Неконтролираната употреба на антибиотици придонесе кога навистина ќе ви требаат можеби нема да делуваат

Редакција