еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

„Собирачи на пердуви“ на Пројковски триумфираше на фестивал во Србија

Претставата „Собирачи на пердуви“ (Skupljaci perja), во режија на Дејан Пројковски a во продукција на Српско Народно Позориште од Нови Сад, ја освои првата награда на реномираниот Фестивал „Театар во тврдината“ во Смедерево.

На овој традиционален фестивал кој се одржува веќе 11 години, публиката ги оценува претставите.

„Во сериозна конкуренција имаше пет претстави, а највисоката оценка (4,81) на годинешниот фестивал, на кој публиката имаше можност да ги искаже своите впечатоци од претставите што ги гледаше, со рејтинг и гласање, ја доби претставата „Собирачи на пердуви “ во продукција на Српскиот народен театар од Нови Сад, во режија на Дејан Пројковски,“ се вели во официјалното соопштение на Фестивалот.

Премиерата на претставата „Собирачи на пердуви„ се одржа во ноември минатата година во Нови Сад и важи за една од најголемите продукции во регионот, за која се бара карта повеќе.

„Собирачи на пердуви„ е по текст на Александар Петровиќ, по кој е снимен истоимениот култнен филм, добитник на Гран при на канскиот фестивал во 1967 година. Драматургијата и адаптацијата ја потпишува Сашо Димовски, сценограф е Валентин Светозарев а композитор е Оливер Јосифовски, кој музуката ја изведува во живо со извонреден оркестар на сцена.

Во претставата играат 30 актери од СНП, меѓу кои и Марко Савиќ, Марта Береш, Милан Ковачевиќ, Александар Гајин, Јована Балашевиќи други.

„Повеќе од половина век подоцна, враќањето на „Собирачи на пердуви“ е враќање на реалноста на болката и радоста на слободата, убавината на френетичното живеење, автентичноста на животот, желбата и страста, смртта и еросот.

Тоа е враќање на константа која, без разлика на промената на контекстот, останува иста. Нејзината суштина е отпорна на општествените промени и го претставува токму отпорот да се обликува во конвенциите на современиот свет: толку многу што создава свет доволен за себе. „Собирачи на пердуви“ е химна на слободата до која секогаш се доаѓа поради затворот пред сопствени очи,“ вели Пројковски.

Критиките и оцените кои ги доби претставата по премиерата се восхитувачки.

„Одличната режија на Дејан Пројковски, маестралната глума и колоритната сценографија се феноменално заокружени со музиката (Бели Оли и Скупљачи перја оркестра), која не само што многу интензивно не воведува во целата приказна, туку и не држи во неа до самиот крај. Тоа е речиси од клучно значење во преведувањето на филмското платно на театарски јазик,“ пишува Милица Николиќ за претставата.

Според Марко Радојичиќ претставата е театарски спектакл кој ги надминал сите очекувања.

„За мене нема поголема радост од тоа кога ќе излезам од добра претстава полна со емоции и задоволство да ја гледам во целост. Безвременски текст на Аца Петровиќ во одлична адаптација на Сашо Димовски, маестрален ансамбл предводен од талентираните актерки Бојана Милановиќ и Марта Береш, но и од Марко Савиќ во главната улога, кој симпатично го долови ромскиот „крал на собирачите на пердуви“.

Ефективна сценографија на Валентин Светозарев и шармантните костими на Ивана Ристиќ и музика на Оливер Јосифовски, кои го одбележаа секој сегмент од претставата!

И секако, сигурните режисерски способности на Дејан Пројковски да создаде театарска магија за нешто повеќе од два часа. Па, овој спектакл е толку добар што верувам дека ќе ја одбележи оваа (полу) сезона кај нас! Во чест на театарот кој ја промовира културата„, “ вели Радојичиќ.

Инаку, на истиот фестивал во конкуренција беше и „Ричард III„ во режија на Пројковски, на Новосадскиот театар и истата се најде на второ место според освоените гласови од публиката.

Слободно можеме да заклучиме дека режисерот Пројковски изгради успешна интернационална кариера со својот режисерски потпис на спектакуларни престави кои никого не оставаат рамнодурамнодушен. Бројните награди и триумфи се само потврда за тоа. Да се надеваме дека и македонската публика ќе има можност да погледне некоја од овие продукции наскоро.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

И официјално: 10.000 граѓани заминале во Србија изминатиот викенд

Редакција

КАМ продолжува да ги надградува бенефициите за своите вработени

Редакција

Рестрикции на струја нема да има: Владата прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена

Редакција