Турците се најбројни туристи на Охридско-струшката ривиера, а тоа го потврдуваат како бројките од Државниот завод за статистика, така и хотелиерите.
„Годинава најмногу гости имаме од Турција, а изненадува бројката и од Шпанија. Чести посети имаме и од Далечниот Исток, кои доаѓаат преку агенции од Тирана, и остануваат по два-три дена, и го посетуваат целиот регион.
Се менува сликата на туристи, за разлика од претходните години кога традиционално најбројни посети имавме од Грција, Србија и Бугарија,“ вели хотелски работник за еМагазин.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во првите шест месеци сме имале 33.757 посети од Турција, кои учествуваат со 36,6% во вкупниот процент на туристи. По нив се гостите од Србија, Холандија, Бугарија, Грција, Германија.
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во јуни 2024 година изнесува 119.751, од кои 23% се домашни туристи, а 77% се странски туристи.
Бројот на ноќевањата во јуни 2024 година изнесува 245.249, од кои 27,6% се од домашните туристи, а 72,4% од странските туристи.
Во периодот јануари – јуни 2024 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 11,1%, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 3,3%, а кај странските има зголемување за 14,4%.
Во периодот јануари – јуни 2024 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 9,9%, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 6,3%, а кај странските има зголемување за 11,8%.
Фото: Игор Бансколиев