Хуманитарната организација Свети Спас отвори уште еден пункт кој ќе биде сместен во црквата „Свети Георгиј” во скопската општина Кисела Вода.
Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски информираше дека овој пункт ќе биде уште еден важен ресурс за сите оние кои имаат потреба од помош и поддршка.
„Со големо задоволство сакаме да ја истакнеме нашата успешна и продолжена соработка со мојот драг пријател отец Оливер и хуманитарната организација „Свети Спас“ од Драчево.
Како Општина Кисела Вода, горди сме што имаме партнерство со оваа организација која активно работи на подобрување на животот на нашите сограѓани.
Јас, пред сѐ како човек, речиси 10 години уште од самиот почеток сум дел од оваа хумана мисија која успешно, макотрпно и секојдневно се грижи да нема глад не само во Кисела Вода, туку и во Скопје и Македонија.
Заедно со отец Оливер и хуманите волонтери поминавме долги години, многу патеки, на наша гордост донесовме насмевки таму каде што имаше тага.
Реновиравме домови, се грижевме за болните и изнемоштени, дававме дел од себе за доброто на другите. И ќе продолжиме,“ изјави Ѓорѓиевски.
Фото: Ѓорѓиевски/Фејсбук