Цените на становите во Скопје се зголемени дури за 40% во атрактивни населби како Центар, Кисела Вода, Карпош, итн.
Според анализата на Пазар 3, за дел од становите, вредат парите, но има станови во голем број каде што цената е огромна, а станот што се нуди е на некое т.н. мизерно ниво.
„Мизерното ниво е случај кога се огласува самиот стан на познатите сајтови за огласување како Pazar3, потоа на веб-страни на самите агенции за недвижности со наслови „луксузен стан”, а во него мебел од 1992 година,“ велат од Пазар 3 за еМагазин.мк
Стан во Охрид пак, асоцира на енормно високи цени и трошоци како за самиот стан, така и за негово одржување или реновирање.
„Во Охрид може да пронајдете станови од квалитетна градба и релативно понови, но исто така и станови од пред 30-40 години кои се релативно одржани. Проблемот при продажба или изнајмување на станови доаѓа кога не се прикажува реалната слика. Потребен е баланс помеѓу она што се продава и реалната цена.
Во Охрид за разлика од Скопје продажбата е сепак на второ место, бидејќи како туристички центар претежно луѓето ги изнајмуваат своите станови, апартмани и соби наместо да ги продаваат. Цените на становите во Охрид се движат од 1.000 до 2.000 евра на квадрат,“ додаваат од Пазар 3.
За разлика од Скопје и Охрид, во останатите градови цените на становите се релативно пониски. Цените варираат во однос на локацијата, кога се изградени и како се опремени.
„Како пример може да се земе и Битола каде што становите на познатиот „Широк сокак” се релативно поскапи и се движат по околу 1.200 евра на квадрат. Исто така цените во Штип покрај факултетите се движат околку 850 до 1.200 евра на квадрат во 2024 година што навистина е висока цена за луѓето со релативно помали примања,“ велат од Пазар 3.
Фото: Унсплеш