еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

Јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов одбележан со три нови книги

Во преполната сала на Кинотеката, вчера Македонија, повторно му се поклони на својот класик, Ацо Шопов, во годината кога се чествува еден век од неговото раѓање.

На настанот „Ацо Шопов – Невообичаено“, неговиот лик и неговото дело повторно заживеаја преку повеќе неконвенционални и нестандардни медиумски формати.

Бројните поклоненици на вредностите на македонската култура и љубителите на поетскиот збор имаа можност повторно да се сретнат со творештвото на Шопов, на еден невообичаен начин.

„Во присуство на претседателот на државата, Стево Пендаровски, покровител на националната иницијатива „2023, Година во чест на Ацо Шопов“ како и на бројни претставници на нашите културни и научни институции и на дипломатскиот кор, беа промовирани три нови и, во својот вид, пионерски книги: „Од онаа страна на Небиднината“ („Дијалог“) од Иван Антоновски, „Песна над песните“ („Сигмапрес“) приредена од Јасмина Шопова и графичкиот омнибус „Небиднина – Not-Being“ („Флип Бук Букс“) од Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски.

Книгите се објавени со поддршка на Министерството за култура, на Делегацијаta на Европската Унија во Македонија и на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“,“ се вели во соопштението.

Во својство на претседател на фондацијата, Светлана Шопова упати до јавноста зборови исполнети со емоции, но и со гордост што јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, нејзиниот животен сопатник, се чествува на достоинствен начин, со настани со богати содржини, со три книги објавени во странство и сега уште три објавени во Македонија.

„Ацо беше голем поет и голем човек, голем патриот и голем граѓанин на светот. За него татковината беше „светот во минијатура, а светот една поширока татковина“.

Тоа се препознава во секој негов напишан збор, па затоа и годинава, тој се чествува по сите меридијани, од Македонија до Американскиот континент, преку Франција, Полска, Тунис, а се разбира и во нашиот регион, од Словенија до Турција, преку Хрватска, Унгарија, Србија,“ изјави Шопова.

За да го долови, низ маглините на годините, ликот на нејзниот сопруг, Светлана Шопова се задржа на етичкиот интегритет на човекот и творец Шопов, потсетувајќи на неговите дамнешни зборови, кои и денес одекнуваат со сета своја актуелност:

„Сакам и настојувам да ја откријам (…) смислата и целта на човековото постоење во нашето време, на сè она со што се одредува човекот на денешницата, сè што е возвишено и загрижувачко, сите полети и падови, сите спогодби и раздори што човекот ги чини во себе и со себе но и како човек со човекот, генерација со генерацијата, луѓе со луѓето.

Разликите се големи, понекогаш изгледаат непремостливи, но нам ни е пресудено да бидеме заедно, ние стануваме свесни за таа неминовност, чекориме низ својот живот стремејќи се да се најдеме себеси, а ги откриваме другите, чекориме низ туѓиот живот за подобро да го запознаеме, а се откриваме себеси, и така (…), со горко но чесно сознание дека тешко може да се согледа крајот на тоа патување, доаѓаме до некој гребен на човечноста…“

Светлана Шопова му е соговорник на Иван Антоновски во книгата „Од онаа страна на Небиднината“, во издание на „Дијалог“, на чија корица доминира луцидниот поглед на Шопов, овековечен во неговиот портрет од реномираниот македонски сликар Танас Луловски.

Како што оцени универзитетката професорка и книжевна критичарка, Лидија Капушевска-Дракулевска, оваа книга е прослава на дијалогот низ кој се исцртува портретот на македонскиот класик, од еден друг агол, досега непознат, од една внатрешна перспектива.

„Невообичаена, но искрена, „отворена“ книга, клучна за чување и негување на меморијата не само на Ацо Шопов, туку и на еден мошне значаен период од нашата културна историја. Оваа книга е редок и скапоцен дар со кој на читателите им се нуди книжевна, културна и општествена авантура од најпрефинет вид,“ истакна Капушевска-Дракулевска.

Во разговорот што таа го поведе со Иван Антоновски, тој посочи дека со „Од онаа страна на Небиднината“ за првпат се доаѓа до можни одговори на многу досега само отворени прашања и дилеми, затоа што се истакнуваат и се согледуваат факти што некогаш биле „закопани во длабока тишина“ за таа сама да ги рече.

Како што нагласи, за жал, и покрај вербата на Шопов во моќта на тишината, таа не ги рече сама тие „закопани“ факти или пак можеби ги рече, но притоа општествената и културната стварност се оглуши.

„Затоа беше потребно, тие факти од втората половина на XX век, веќе да се кажат јасно и гласно. Иако на моменти предизвикуваат и многу емоции, исто онолку колку што можеби ќе поттикнат и реакции со можни негодувања… И тоа во време кога „небиднинското“ на Шопов, за жал, за нас е многу поактуелно отколку пред шест децении кога тој ја напишал „Небиднина“.

Оваа книга се случи токму како резултат на обид за „откопување на закопаното во тишината“. Но, сега сме пред нов предизвик – дали тие факти, повторно ќе ги закопаме во тишината или ќе ги искористиме во натамошните исчитувања и во истражувањата за нашата книжевна и културна историја,“ порача Антоновски.

Втората промовирана книга, „Песна над песните“ по ништо не е само уште еден стандарден избор од поезијата на Ацо Шопов, забележа проф. Маја Бојаџиевска, теоретичар на книжевноста и главен уредник на издавачката куќа „Сигмапрес“ која го објави овој несекојдневен избор.

„Со ова издание добиваме повеќе работи одеднаш: најпрвин, поезијата на Шопов – и онаа познатата, и онаа помалку познатата, која излегува од магмата на времето; потоа, контекстуализација на таа поезија преку исказите на самиот Шопов но и на оние кои подлабоко се занимавале со неговото дело, и конечно, добиваме (и не знаејќи), студија за неговиот opus magnum, изработена од раката на неговиот идеален читател кој е во сенката на зборовите на авторот.

Затоа, „Песна над песните“ претставува и непроценлив прилог кон херменевтиката на македонската културна историја,“ нагласи Бојаџиевска.

Вкоричени меѓу суптилниот портрет на поетот од Оља Ивањицки и ракописот на досега необјавените стихови од „Голема е твојата песна“, страниците на „Песна над песните“ отвораат можност за ново читање на делото на Шопов.

Тие нудат една глобална слика за поетот кого сите го познаваат како „нежен лиричар“, а чие творештво всушност има далеку пошироки граници, како што објасни Јасмина Шопова, приредувач на книгата, надоврзувајќи се со конкретен пример:

„„Лузна“, од збирката „Небиднина“ (1963 г.), е секако една од најзначајните песни на Шопов, која никого не оставила рамнодушен, а сепак ретко кој критичар се нафатил продлабочено да ја анализира. Можеби поради нејзината енигматичност. Во оваа книга, таа е поместена во поглавјето кое е, условно речено, посветено на детството и во кое можат да се прочитаат песни од различни збирки објавувани во текот на три децении.

Кога ќе се соочите со „Лузна“ во контекстот на тоа поглавје, кога ќе ви се даде можност да ја споредите со стиховите од поемата „На Грамос“, објавени во 1950 година, и да прочитате коментари за симболиката на крвта во поезијата на Шопов од автори како Анте Поповски, Георги Сталев или Ив Бержере, „Лузна“ одеднаш ќе ви се покаже не во една нова светлина, туку во цела светлосна игра од различни значења и асоцијации.

Ваквата структура на книгата овозможува да дојдат до израз едвај видливите нишки кои ги поврзуваат песните на Шопов, кои се носители на структурата и на хомогеноста на неговото дело, и кои, во крајна линија, го оправдуваат насловот на оваа книга: „Песна над песните“.

„Песна над песните“ и „Од онаа страна на Небиднината“ беа претставени и преку прекрасната уметничка интерпретација на Софија Гогова-Врчаковска и на Емил Рубен, која на најубав начин ги илуструраше зборовите на авторите и на промоторите на овие книги.

Одделно внимание предизвика и третата промовирана книга, графичкиот омнибус „Небиднина – Not-Being“, од Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски.

„Подвижните и звучни слики од омнибусот „Небиднина“ сега се укотвија на страниците на истоимената двојазична графичка книга, која се обраќа на истата но и на една нова публика, проширувајќи го опсегот на ова поливалентно уметничко дело, нагласи Жарко Иванов, претставувајќи го изданието од име на авторите.

Повикувајќи се на Дарин Ангеловски, автор на предговорот на книгата, тој заклучи дека ваквиот концепт за книга остварен како состав на идеја, форма и структура го населува лирскиот дом на поетот Ацо Шопов со чудесна оптичка хармонија и нови значења.

На настанот, четирите анимирани филмови од омнибусот „Небиднина“, одиграа улога на интерпунција во претставувањето на трите книги и отворија пред публиката нови хоризонти на восприемање и поимање на поезијата на Шопов.

„Со овие филмови, кои се и првите во Македонија со поетска инспирација, годинава во август се отвори Флипбук фестивалот на анимиран филм, кој помина во знакот на Шопов, потсети Иванов, кој инаку е и основач на фестивалот и на издавачката куќа „Флип Бук Букс“.

Публиката извонредно добро ги прими, ми се чини токму затоа што ние, авторите, не се определивме за буквална илустрација на песните – што впрочем не би ни било можно во случајот на Шопов – туку за една современа и оригинална интеракција со неговарта поезија.

Иванов се осврна и на одмерениот драмски интензитет во интерпретацијата на „Грозомор“ и „Долго доаѓање на огнот“ на Никола Ристановски, како и на сензуалноста која во „Небиднина“ ја внесува шепотот на Маја Трајаноска, но и на ритмичното скандирање на Сенегалецот Дауда Ндиај, кој ја препеа песната „Во сонот на црната жена“ на јазикот уолоф, забележувајќи дека нивните гласови многу допринесоа овие наши визуелни читања на поезијата на Шопов да се здобијат со уште поголема автентичност.

Во фоајето на Кинотеката, присутните имаа можност да разгледаат две интересни и богати изложби кои досега не ѝ биле претставени на пошироката публика во Скопје: „Патот по кој чекорам“, промовирана годинава во УНЕСКО, на 21 март, Светски ден на поезијата, и „Величенствен поетски мост што ги поврзува сите континенти“, промовирана на овогодишните Струшки вечери на поезијата, како дел од омажот што фествалот му го посвети на својот прв претседател во далечната 1962 година.

Иако имаат потполно различен пристап и различно техничко обликување, и двете изложби ги отсликуваат истите хуманистички идеи и идеали на кои Ацо Шопов им го посветил сиот свој живот, преку поетското творештво и општествениот ангажман.

Пред овој настан во Кинотеката, јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов беше одбележан со извонредно богата меѓународна програма на значајни организации и институции како УНЕСКО, МАНУ, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ и Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, неговиот роден град.

Со ентузијазтичкиот проект на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, во јули годинава се одбележаа во ист креативен здив јубилејот на Шопов и комеморацијата на земјотресот од 1963 година.

До крајот на годинава, македонската публика ќе има можност во уште неколку наврати да се собере околу ликот и делото на македонскиот класик, а на 20 декември, роденденот на Шопов, годината во негова чест ќе се заокружи на уште еден невообичаен начин – неговите „Молитви на моето тело“ ќе заживеат на сцената на Националната опера и балет.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Петресот за измена на Устав трае 10 дена, гласањето за уставните измени мора да се случи најдоцна денеска, вели Вељаноски

Редакција

Аларм: 194 здравствени работници во Македонија заразени со коронавирусот

Редакција

И АРМ ќе добие ново име, кратенката за МАНУ останува

Редакција