еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Ќе го води обвинителот Милошески: Формирано Одделение за сериозен и сложен криминал во ОЈО Скопје

Во координација со Јавниот обвинител на Македонија, Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје донесе дополнување на Годишниот распоред за работа на јавните обвинители во тоа обвинителство, со кое формираше посебно Одделение за сериозен и сложен криминал, информираа од таму.

-Ова Одделение ќе постапува по предмети за кривични дела за кои е пропишана казна доживотен затвор со поголем број обвинети и обем на докази, предмети во кои се спроведуваат финансиски истраги, сложени предмети со поголем број кривични дела, обвинети или обем на докази и предмети од исклучителен интерес на јавноста.

Со Одделението формирано согласно член 15 и член 25 од Законот за јавното обвинителство ќе ракови јавниот обвинител во ОЈО Скопје, Владимир Милошески, а покрај него се распоредени уште седум јавни обвинители од скопското Обвинителство со повеќегодишно искуство во постапувањето против вакви кривични дела, велат од таму.

Од Обвинителството посочуваат дека потребата од организациска промена во работата на Основното јавно обвинителство Скопје и формирањето на новото одделение се наметна поради забележаните состојби и приливот на предмети во текот на 2024 година, кои опфаќаат сериозни и сложени облици на криминал изразени преку неколку индикатори: измените на Кривичниот законик, особено во однос на кривичното дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, предизвикаа промени во однос на стварната надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поради што голем дел од предметите во претходна постапка за член 353 став 5 од КЗ се доставуваат на стварна и месна надлежност на ОЈО Скопје.

-Понатаму, земена е предвид измената на членот 98-а за проширена конфискација во истиот закон, што бара поинаква внатрешно – институционална поставеност и зголемен ангажман на јавните обвинители уште во предистражна постапка, заради навремени финансиски истраги

При тековното предметно работење и следење на состојбите по однос на криминалитетот, забележани се облици на сериозен и сложен криминалитет, првенствено  поврзани со кривични дела против животот и телото, кривични дела против здравјето на луѓето, кривични дела против службената должност и кривични дела против јавните финансии на територијата под надлежност на ОЈО Скопје.

Главна одлика кај овие кривични дела е голем број инволвирани лица и правни субјекти, сложеност на дејствијата кои треба да се испитаат и утврдат и воедно да се детектираат во целина настапените штетни последици како законско обележје на кривичните дела.

Имајќи предвид дека сторителите се почесто користат разни механизми за прикривање и на кривично – правните дејствија и на непосредната и посредната противправна имотна корист од казнивите поведенија, тоа ја усложнува истражувачката активност и бара дополнителни познавања и посебна посветеност на јавните обвинители за истражување и гонење на овие облици на криминал.

Одделението со квалитативен и квантитативен капацитет за гонење на сериозен и сложен криминал треба да даде соодветен стимул и на правосудната полиција во нејзината откривачка функција, како и на сопствените истражителски капацитети во истражниот центар, преку ефективно насочување на дејствијата и мерките во предистражна постапка.

Крајната цел на новоформираното одделение е адекватна кривично – правна заштита на граѓаните и ефикасен институционален одговор на сложените облици на кривични дела, велат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Народната банка распродава лускузни автомобили

Редакција

Во болницата во Козле хоспитализирани 5 деца позитивни и сомнителни на Ковид-19

Редакција

Велешанец ја тепал, дрогирал и наведувал на проституција сопругата

Редакција