еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Ќе затворат легални домашни компании, а преку онлајн страници друг ќе го превземе бизнисот, велат од компаниите за игри на среќа

Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ), заедно со Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа во автомат клубови и казина (АПИС), денеска, во многу поголем број од вообичаено, одржаа јавен собир пред Собранието и ја блокираа улицата „11-ти Октомври“ со цел да го искажат својот револт против носењето на новиот предлог Закон за игри на среќа.

Поводот беше денешната закажана седница на Комисијата за европски прашања каде на дневен ред е второ читање на предлогот за изменување на Законот за игрите на среќа, со што истиот е на чекор пред конечно донесување на пленарна седница во Парламентот.

Во својата изјава за медиумите, претседателот на АСОМ, Васко Илијевски порача дека овој јавен собир и блокирањето на улицата пред Собранието е само прв во низата, сè додека не се слушне нивниот глас и се стави крај на ова бескрајно самоволие на Власта.

„Подготвени сме да ги блокираме сите улици за сите наши вработени го изразат својот бунт и протест против ова што им се случува“, рече Илијевски.

Тој повтори и дека носењето на штетниот закон не е ништо друго освен штитење на бизнис интересите на поединци во власта.

„Целта на овој закон е да се затворат легални домашни компании за да може Владата преку новите онлајн страници со странски компании од Бугарија да си го преземе бизнисот. Граѓаните не смее да бидат измамени, зад плаштот за наводна грижа за нив се носи закон кој има целосно друга цел“, порача тој.

Претставникот на АПИС, Горан Стоименов, пак, потсети и на небулозните предлог измени во контекст на оддалеченоста на објектите од училиштата.

„Потценување на интелигенцијата е да се тврди дека дистанцата од 500 метри од образовни институции е заради заштита на младината, кога во исто време државата овозможува преку интернет, игрите на среќа да станат достапни буквално на секој мобилен и статичен уред“, рече Стоименов.

Во своето обраќање, Илијевски ги повика и пратениците да не одат против здравиот разум и против повеќе од 10.000 вработени во секторот, кои од оваа работа го вадат својот леб и ги ранат своите деца.

„Не ли ви е срам што со вашето гласање ќе оставите на улица илјадници семејства? Нели ви е, во најмала рака, жал што со вашата одлука илјадници дечиња ќе ги лишите од најосновното?

Немате ли грижа на совест што вашиот глас наместо во интерес на граѓаните кои ве изгласале, ќе оди за интерес на малкумина во Владата кои ‘без пардон’ се подготвени да затворат целосно легална индустриска гранка само за да ги полнат своите џебови?“, праша Илијевски.

Тој потенцираше и дека станува безобразно што повеќе од 10 пати двете асоцијации се собираат пред Собранието или пред Владата, а во меѓувреме ниту еден владин претставник, ниту пак пратеник се има соочено со нив за да го аргументира овој закон.

„АСОМ и АПИС претставуваат 95% од лиценцираните компании за игри на среќа во државата, а никој никогаш нема повикано ниту еден од нас да ги изнесе аргументите, професионално и базирано на низа истражувања за индустријата. Наместо тоа, по примерите на развиените европски земји кон кои се стремиме, ние имаме жална Македонија каде се носи закон со безброј небулози спротивни на пазарната логика“, рече Илијевски.

Заеднички во своите ставови, дека оваа битка нема да сопре, и Стоименов од АПИС порача дека правдата ќе се бара во институциите.

„Ќе водиме правни битки, ќе следи иницијатива пред Уставен суд, ќе следат тужби за астрономски отштети кои ќе се прекршат преку грбот на народот. Без егзистенција ќе останат 10 илјади вработени, 54 до 100 илјади други работни места кои се поддржуваат преку легалните игри на среќа ќе доживеат сериозен економски удар, сопствениците на објектите ќе останат без закупнина, банките ќе активираат хипотеки и други гаранции“, истакна Горан Стоименов.

На крајот од своето обраќање, Илијевски пак порача дека ова е борба на сите граѓани на оваа земја против самоволието на Владата и повика на масовна поддршка од медиумите и граѓаните, сè до конечна победа на правдата.

„Денеска се овие вработени, утре ќе бидат други. Ова е самоволие, ова е владин интервенционизам во легална дејност и класично преземање на огромна штета и ризик за граѓаните. Ако ова им помине сега, ќе можат тоа да го прават со било кој друг бизнис!“, заклучи Илијевски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Москва нападната со дронови, неколку згради минимално се оштетени

Редакција

Каков имот пријавил поранешниот претседател на ДИК, Чичаковски кој стана судија во Управниот суд

Редакција

Регистрирани првите случаи во Прилеп: Сопружници заболеле од корона вирусот

Редакција