Денеска ќе стасаат 100.000 вакцини на „АстраЗенека„, кои се донација од Грција, најави министерот за здравство Венко Филипче.
Тој повтори дека во наредниот период фокусот ќе биде на вакцинацијата, а не да живееме со рестрикции.
„Рестрикциите беа воведувани во времето кога немавме вакцини. РНК вирусот е таков, мутира, но тоа не значи дека треба да се затвораме и да имаме рестрикции. Тоа значи дека треба масовно да се вакцинираме, за да дочекаме било кој друг бран подготвени,“ изјави Филипче.
Филипче рече дека не се појавуваат сите што се пријавуваат за термин и дека тој процент се движи од 10 до 20 отсто.
Според последните информации од Министерство за здравство, на вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 408.953 граѓани.
Прва доза вакцина вчера примиле 8.355 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 11.393 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 652.680 дози вакцини, а ревакцинирани се 243.727 граѓани.
Со последните бројки 54% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 52% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 47% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 39% од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Фото: МЗ