еМагазин
Image default
Бизнис

12. Советување на МАКО СИГРЕ –  Успешно справување со предизвиците во енергетиката преку зајакната соработка и поголемо вклучување на младите

Успешно пресретнување на предизвиците во енергетскиот сектор, забрзана енергетска трансформација, дигитализација и спојување и интеграција на пазарите на електрична енергија, се дел од темите на 12.Советување на Националниот комитет на Северна Македонија, во организација на Здружението на инженери, МАКО – СИГРЕ, членка на СИГРЕ – Меѓународна конференција на големи енергетски системи.

„Енергетскиот сектор се наоѓа во многу динамичен период кој носи низа предизвици, а промените се одвиваат со огромна брзина. Се соочуваме со процеси како: нестабилност на цени, отворени прашања со зголемување на трошоците на мерните оператори, интеграција на пазарите, складирање на енергија и слично.

За да ги реализираме овие процеси соодветно и да создадеме услови за развој, неопходна е поголема соработка“, истакна Сашо Салтировски, актуелниот претстедател на МАКО СИГРЕ и управител во ЕВН Електро Дистрибуција.

Фокус на изложените стручни трудови на конференцијата е ставен на електроенергетскиот систем, а целта е да се овозможи размена на знаење и стекнати искуства помеѓу академската заедница, индустријата и сите чинители во електроенергетскиот сектор.

Министерот за економија Крешник Бектеши, на свеченото отворање на Советувањето истакна:

„Развој и модернизација на електроенергетскиот сектор во државата е наш фокус. Но, за да го постигнеме тоа неопходни ни се знаење, технологии и квалитетен кадар на инженери. Политиките кои ги носи Владата секогаш се во соработка со експертската јавност. За да има прогрес неопходно е да се фокусираме и да ги задржиме и да ги поддржиме нашите студенти кои се иднината на државата“.

МАКО СИГРЕ, покрај другите активности, во континуитет дава поддршка на студентите на техничките факултети од сите студиски години, а за најдобрите обезбедени се и награди. Но, и покрај тоа последните трендови во образовниот процес, податоците укажуваат на се помал интерес кај студентите за електро-техничките струки.

Продеканот за финансии и соработка со стопанство на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, проф. д-р Владимир Атанасовски потенцираше дека се помал е бројот на пријавени студенти на факултетот и апелираше за заеднички активности во насока на промена на овој тренд.

Во рамките на 12.Советување на МАКО СИГРЕ организирани се и сесии на студиските комитети, технички презентации и предавања од истакнати инженери и научници. Годинава има околу 350 учесници, а пријавени се над 80 научни трудови. Настанот се одржува во Охрид, од 17 до 19 септември.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Детален преглед: Кои акции го „билдаат“ прометот на Македонската берза?

Редакција

Намалена добивката на „Интернешнел Хотелс“

Редакција

Никола Миткоски реименуван за член на Управниот одбор на Охридска банка

Редакција