еМагазин
Image default
Убава приказна

15 студенти по хемија и фармација ќе може да стекнат тримесечна пракса во Алкалоид

Компанијата „Алкалоид“ потпиша меморандум за соработка за програмата за практиканство со Фармацевтскиот факултет и Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет.

Во рамките на овој проект, на студентите кои се на дипломски и додипломски студии ќе им се овозможи практична работа во секојдневните компаниски процеси и активности, за да се зајакнат нивните професионални вештини и да се поттикне научно-истражувачката работа.

Праксата на првата група на студенит, чија што бројка ќе изнесува од 10 до 15 ќе започне во текот на јуни. На студентите кои ќе ги исполнат условите за влез во програмата на практиканство, од страна на компанијата ќе им биде доделен обучен ментор, а од страна на матичната образовна установа ќе им биде зададен практичен проект кој ќе треба да го завршат во рок од три месеци.

„Целта на овој Меморандум за соработка за програмата за практиканство е да се поттикне развојот на креативноста кај студентите, нивното лично и професионално профилирање, како и подготвеноста за соочување со идни професионални предизвици.

Со овој проект ние како компанија, во соработка со највисоките научно-образовни институции во земјава, сакаме да им овозможиме на младите, талентирани и амбициозни студенти стекнување и практикување на нови вештини во реални процеси во рамки на компанијата. Сакаме да изградиме синергија од која бенефит ќе имаат сите инволвирани страни, а преку имплементирање на најновите научни достигнувања во развојни процеси, научно истражувачка работа очекуваме да се подигне на ново, повисоко ниво“, рече генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Муакетов.

Деканот на Фармацевтскиот факултет, Светлана Кулвенова го нагласи задоволството од отпочнување на нов вид на соработка со компанијата и ја истакна важноста на усогласувањето на програмските содржини со светските трендови и практична работа.

„Практичната работа значи многу за студентите по Фармација, бидејќи ќе можат да го проверат своето знаење во реалниот сектор. Ќе се стекнат со дополнителни знаења и вештини“, рече Кулвенова.

Таа додаде дека ова е одлична можност младите да се задржат да работат во земјата и да ги препознаат потенцијалите овде.

Деканот на Природно-математички факултет, Ицко Ѓоргоски рече дека потпишувањето на овој меморандум со „Алкалоид“ ќе значи дека најдобрите студенти нема да бегаат надвор од државата, туку ќе останат да работат во компанија која работи по европски и светски стандарди.

„Ќе видат како е да се работи во Европа, а ќе бидат во Македонија. Тие ќе ни пренесат што да промениме во нашите студиски наставни програми“, изјави Ѓоргоски.

Тој додаде дека со години наназад голем дел од најдобрите студенти на ПМФ од областа на хемијата, кариерите ги продолжувале во „Алкалоид“.

„Голем дел од нашите професори се надворешни соработници во развојните лаборатории на оваа компанија и учествувале во голем број заеднички научни проекти“, додаде тој.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Галерија) Еден од најпознатите Инстаграм-профили за промоција на Шведска е креиран од Македонец, денес за него работат и Швеѓани

Силвана Жежова

Борче Стаменов поправа и донира компјутери: Државата со малку пари може да ги обезбеди тие 3.000 семејства кои немаат

Редакција

(Галерија) Јавна соба слави три години: Местото кое внесе нова култура на излегувањето во градот

Редакција