еМагазин
Image default
ДОБРОСОСЕДСТВО ТОП СТОРИИ

20 вредни икони кои им припаѓаат на македонските цркви, ќе бидат вратени од Албанија

Договор за соработка за враќање на незаконски изнесени икони од земјата на потекло потпишаа министерките за култура на Македонија и на Република Албанија, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Елва Маргарити, како дел од меѓувладината седница на двете земји.

„Со потпишувањето на овој Договор се отвора и ново поглавје во односите меѓу двете држави, особено во ефективната заштита на културното наследство и имплементацијата на меѓународните конвенции од оваа област.

Овој Договор е дел од Конвенцијата за мерките за забрана и спречување на недозволен увоз, извоз и пренос на сопственоста на културните добра на Организацијата на Обединетите нации, за просвета, наука и култура, од 1970 година (чиј потписник е и Република Албанија), како и од Конвенцијата за украдени или незаконски извезени културни добра на Меѓународниот институт за унификација на приватното право, од 1995 година,“ изјави Костадиновска-Стојчевска.

Сите податоци поврзани со иконите, Јавното обвинителство на Македонија ги достави до надлежните органи во Република Албанија и тие, заедно со запленетите икони, беа доказ во кривичната постапка што за случајот „Икона“ се водеше во Судот на судскиот округ во Тирана, Република Албанија.

Во 2013 година на територијата на Република Албанија беа запленети голем број икони и црковни предмети. Според официјалните податоци во комуникацијата и преку размената на информации и сознанија меѓу надлежните органи на двете земји, беше лоцирано дека 20 икони не се со потекло од Албанија, односно дека постојат индиции дека се нелегално изнесени од Македонија.

При увидот на запленетите икони што го извршија македонски експерти, кои изготвија стручен наод и мислење, се утврди дека потеклото на иконите е од црквите и манастирите на нашата земја.

– Во изминатиот период беше разменета целокупната документација за идентификување на 20-те вредни икони, а албански експерти остварија и увид во црквите во Македонија на кои им припаѓаат иконите, со што се утврди дека предметните икони се составен дел на неколку збирки икони, и тоа: на збирката икони од црквата „Св. Атанасиј“, с. Долно Перово, Општина Ресен, припаѓаат пет икони; три икони се дел од збирката на црквата „Св. Богородица“, с. Ѓавато, Општина Битола; пет припаѓаат на црквата „Св. Атанасиј“, с. Селци, Општина Струга; три икони припаѓаат на црквата „Св. Никола“, с. Радожда, Општина Струга и три се дел од збирката на црквата „Св. Богородица“, с. Буринец, Општина Струга, додаде министерката.

Таа информира дека во идентификувањето на иконите голем придонес има историчарот на уметноста, д-р Сашо Цветковски, од МАНУ.

Иконите се резултат на богатата домашна иконописна традиција од 19 век и имаат историска, уметничка, културна и научна вредност. Иконите, како автентични предмети од движното културно наследство, се документирани и во посебниот „Регистар на евидентирани икони на територија на СРМ“ од 1987 година што се води во Националниот конзерваторски центар.

Управата за заштита на културното наследство, во 2017 година, иконите ги прогласи за национално богатство.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Сите детали: ДИК ги утврди протоколите за гласање на изборите, како ќе гласат заразените со Ковид-19?

Редакција

Градоначалникот на Чашка со указ побарал „Грин Пауер“ да го напушти планинарскиот дом Папрадиште во рок од 10 дена

Редакција

Баба Марица менува 4 автобуси и поминува 14 километри за да го носи внучето во школо за деца со попреченост, ѝ треба помош

Редакција