Турската компанија од автомобилската индустрија „Пурпласт“ ќе гради фабрика во ТИРЗ Скопје 2, во која првично ќе вложи пет милиони евра и ќе отвори 100 работни места.
Вкупната инвестиција во фабриката, што според планот, треба да биде отворена следната година, ќе изнесува 12 милиони евра со вкупно 300 вработувања.
Ова е прва фабрика на турската компанија што ќе се отвара надвор од Турција. Северна Македонија е избрана како место за инвестиција во конкуренција на пет држави.
Во новиот индустриски капацитет ќе се произведуваат маски и пластични делови за автобусите на „Ван Хол“, како и за многу други брендови на автобуси и камиони.
Плановите за инвестицијата беа соопштени денеска во Владата каде беше потпишан договор за закуп на градежно земјиште со претставниците на „Пурпласт“.
– „Пурпласт“ извезува во 38 држави со 500 вработени. Нашата фабрика во Скопје ќе биде главниот хаб за сите клиенти во Европа, како „Мерцедес“, „Сканија“, Бе-Ем-ВЕ, „Фиат“… „Ван Хол“ е важен клиент лоциран во Скопје и има околу милион евра извоз и со фабриката во Скопје се надеваме дека ќе продолжиме со ваквиот тренд. Ќе ни биде драго да ја прославиме нашата 40-годишнина со отворање на фабриката во Скопје, рече извршниот директор на „Пурплст“, Мехмет Шишманоглу.
„Пурпласт“ е основана во 1980 година и произведува пластични делови за автомобилската индустрија, меѓу кои и за „Мерцедес“, Бе-Ем-Ве, „Форд“, „Волво“, МАН и други.
МИА/Фото: Влада