Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев вчера присуствуваше на партиската трибина на СДСМ насловена „На прав пат“ што се одржа во неговиот град.
Неговото присуство го поздрави министерот на внатрешни работи Оливер Спасовски, кој беше еден од главните говорници на трибината.
Присуството на Јанчев на партиската трибина на СДСМ предизвика лавина реакции на социјалните мрежи и во политичките кругови со оглед на тоа што тој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Инаку, Јанчев подолг период отворено бара реформи во неговата матична партија.
“Значи, да појаснам, моето присуство на трибината не беше како на некој од ВМРО, СДСМ, ДУИ или било која партија, туку исклучително како градоначалник на општината и истото го сметам како должност, нешто кое и другите градоначалници треба да го практикуваат, со цел да се работи на доброто на градот и граѓаните.
Градоначалник е јавна функција, треба овде да се разграничат некои работи, да не се мешаат партиите во секој сегмент, бидејќи јас сепак сум градоначалник на сите жители на мојата општина, без оглед на нивната партиска припадност„, изјави Јанчев за „Фокус“.
Фото: Фејсбук СДСМ