еМагазин
Image default
Бизнис

Регулаторни промени ги „скастрија“ банкарските кредити за компаниите

Кредитите на приватниот сектор во третиот квартал забележаа мал пад, како резултат на регулаторни промени, соопшти Народната банка во најновиот квартален извештај. Така, по растот во второто тримесечје (од 1,8%), во третиот квартал кредитите се пониски на квартална основа за 0,5%. Ефектите од задолжителните отписи беа најизразени во јули 2019 година, што придонесе за месечен пад кај кредитите на претпријатијата.

Имено, согласно со Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик почнувајќи од 1 јули 2019 година, банките имаат обврска да ги пренесуваат од билансна во вонбилансна евиденција сите достасани ненаплатени побарувања коишто се целосно резервирани подолго од една година (наместо две години согласно со претходната регулатива).

„И покрај преносот на вонбилансна евиденција на овие побарувања, банките го задржуваат правото за нивна наплата. Примената на одлуката започна од јули 2019 година. Во третиот квартал банките извршија задолжителен пренос на сметките за вонбилансна евиденција на кредитните изложености кај кои се поминати дванаесет месеци од датумот кога банката била должна да врши исправка на вредноста, односно да издвојува посебна резерва од 100% (согласно со Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик). Врз оваа основа, во третиот квартал 2019 година, вкупниот износ на извршени задолжителни отписи изнесуваше 4.492.000.000 денари“, објаснуваат од Народна банка.

Оттаму додаваат дека анализата на секторската структура укажува дека кварталниот пад на кредитите на приватниот сектор во целост е резултат на намалувањето на корпоративните кредити, каде што преовладува ефектот од регулаторните промени, при позитивен придонес на кредитите на домаќинствата.

„Од валутен аспект, падот во целост произлегува од денарските кредити, при раст на девизните кредити. Во однос на рочната структура, кварталниот пад на вкупните кредити во целост се должи на краткорочните кредити, при зголемување на долгорочните кредити. Воедно, учеството на сомнителните и спорните побарувања во вкупните кредити на крајот на септември се намали за 0,6 процентни поени. во однос на претходниот квартал и се сведе на 4,8%“, се вели во извештајот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Распишан оглас за вработување во Канцеларијата на премиерот Зоран Заев, плата до 37.631 денар

Редакција

За плати, награди и надоместоци на Управниот одбор на Макпетрол лани исплатени 45,7 милиони денари нето

Редакција

Просечната нето плата во октомври изнесувала 27.899 денари

Редакција