Градежната компанија „Адора инженеринг“ во сопственост на бизнисменот Ванчо Чифлиганец ја забетонира позицијата – најголем поединечен акционер во Комерцијална банка откако завчера купи 5.300 обични акции од банката за кои плати 521.000 евра.
Со новата купопродажба „Адора инженеринг“ и поврзаните лица поседуваат вкупно 253.247 обични акции, односно ќе има учество од 11,11% во основната главнина на „Комерцијална банка“ АД Скопје.
Акционерскиот капитал на Банката на 31.12.2018 година се состои од 2.279.067 обични акции со поединечна номинална вредност од 1.000 денари. Комерцијална банка АД Скопје на 31.12.2018 година има вкупно 4.940 акционери, наспроти 5.075 акционери на 31.12.2017 година.
Во текот на 2018 година настана промена на структурата на акционери со квалификувано учество од над 5%. До март 2018 година единствен акционер со квалификувано мнозинство од 13,076% беше East Capital Explorer Investments AB од Стокхолм, Шведска, кој во текот на месец март изврши продажба на сите свои акции во Комерцијална банка.
Како купувачи на овие акции се јавија 4 правни лица кои поединечно не го надминуваа прагот од 5% учество во акционерскиот капитал на Банката.
Во текот на месеците мај и јули преку повеќе берзански трансакции беа истргувани акции на Банката, чиј купувач беше правното лице „Адора Инженеринг“ ДООЕЛ Експорт-Импорт Скопје кое со оваа трансакција го надмина прагот од 5% од вкупно издадените акции на Комерцијална банка АД Скопје и заклучно со 31.12.2018 година заедно со поврзаните лица имаше учество од 10,09% во вкупниот број на издадени акции и 10,10% во вкупниот број на акции со право на глас.
Интересно е што вчера во две блок-трансакции со вкупна вредност од 28 милиони денари или околу 456.000 евра на Македонската берза повторно се продадоа 4.636 акции од „Комерцијална банка“ АД Скопје.
Останува да се види дали повторно купувач на акциите е „Адора инженеринг“, што би значело дека компанијата и нејзиниот сопственик Ванчо Чифлиганец ќе продолжат да ја зголемуваат сопственоста во банката.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Комерцијална банка“ повторно ја „тресе“ берзата: Продадени два блока акции за 456.000 евра
Кој е Ванчо Чифлиганец: Од професор до еден од најголемите акционери во Комерцијална банка