Собранието денеска на седница расправаше за Предлог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, а во дебатата на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачката СДСМ упатија меѓусебни обвинувања за состојбата со загадувањето.
Заменик-министерката за финансии Ширет Елези образложи дека целта на предложената одлука е да се субвенционираат граѓаните за набавка на инвертер клима уреди со високи перформанси во Град Скопје, Битола, Тетово и Кичево во износ од 620 милиони денари, како и дополнителни средства во износ од 90 милиони денари за откуп на акции за целосна државна сопственост на АД ГА- МА.
Парите се обезбедени од „ЕСМ“, но преку централниот буџет ќе бидат префрлени на општините, а потоа на крајните корисници. Мерката што ја најави Владата како дел од активностите за справување со проблемот со загадувањето треба да ја искористат 10.000 домаќинства, од кои 5.200 во Скопје, по 2.500 во Битола и Тетово и 800 во Кичево.
Власта и опозицијата со спротивставени ставови за Предлог-одлуката. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека три години се гледаат неуспешните обиди на власта за да се регулира или да се намали загадувањето во државата. Со ова, истакнаа, не се решава загадувањето и од од оваа мерка нема да добијат ништо учениците, трудниците, луѓето со срцеви проблеми, пензионерите, туку само партиските активисти во овие четири општини.
Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ова е уште еден од низата непопуларни и противуставни закони кои не се во интерес на граѓаните. Посочи дека се изделуваат само четири општини кои, како што рече, би имале привилегии и предложи да се повлече ова законско решение.
„Ова е уште еден понижувачки обид за предизборен поткуп затоа што никој ги нема регулирано или пак ние не ги знаеме критериумите како ќе се делат инвертерите“, рече Стевананџија, додавајќи дека се остава простор за сомнеж.
Според него, досега неколку пати жителите на Прилеп биле дискриминирани, а ова е врвот на дискриминацијата.
Хари Локвенец од СДСМ во реплика рече дека се определуваат мерки за сите граѓани во државата, а за тоа зошто не е во оваа група градови и Прилеп информира дека во подготовката на буџетот за следната година се предвидени четири милиони денари за субвенционирање инвертер клими.
„Не само во Прилеп, туку и во сите останати градови во општинските буџети каде има можност се определени средства кои се трошат за спречување на загадувањето. Загадувањето не е од вчера, не од денеска. Разликата меѓу годините назад и ова сега е во тоа што отворено се зборува за загадувањето, и Владата, извршната власт и Министерството за финансии одредуваат средства за борба против загадувањето“, рече Локвенец и додаде дека во минатото парите се трошеле на непродуктивни инвестиции.
Тој апелираше да не се извртуваат работите, да не се спинуваат информации и лажни вести, со кои, како што рече, се обидувате предизборно да добиете поени кај граѓаните.
Во дискусијата се вклучија повеќе пратеници. ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта дека се работи за популистичка мерка, инстант решение пред избори, за предизборна манипилација на граѓаните. Сметаат дека е потребен серозен пристап за оваа тема, да се направат план и програма, да се зголеми капацитетот на институциите кои се занимаваат со загадувањето.
МИА