еМагазин
Image default
Македонија

Сведок на судењето за „Титаник“: Имам повеќе пати донирано средства на ВМРО-ДПМНЕ

На денешното рочиште за случајот за изборни нерегуларности „Титаник“ беше сослушан сведок кој во 2011 година работел како советник во подрачно одделение на Министерството за финансии во Кочани, за тоа како донирал средства за политичката кампања на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година.

На предлог на Обвинителството денеска требаше да бидат сослушани уште неколку сведоци, но двајца не беа присутни, а еден во интерес на време беше презакажан за следното рочиште на 28 јануари 2020 година.

Прашан дали има донирано средства на некоја политичка партија во 2011 година, сведокот Ацо Стојанов потврдно одговори.

– Може и порано од 2008 година имам повеќе пати донирано средства на ВМРО-ДПМНЕ и тоа износи од 4, 5 или 8 илјади денари. Не можам да се сетам, изјави сведокот.

Посочи дека во партијата има благајник, што ги прима донациите.

– За дадените донации никогаш добивав каса-прими, некогаш не. Не се сеќавам дали примав, изјави Стојанов.

Прашан дали има потпишано уплатница во ВМРО-ДПМНЕ, сведокот рече да, објаснувајќи дека за некои сигурно се сеќава дека ги пополнил сите полиња и се потпишал, а за некои не се сеќава.

– Овие уплатници јас лично не ги носев во банка да ги уплатам, туку ги оставав на благајникот, изјави сведокот Стојанов.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова.

Судијата Шабани, на почетокот прочита поднесок во однос на тоа дали е поведена постапка за составот на овој судечки совет.

– Претседателот на Судот ми одговори дека се обратил до Судскиот совет. Во писмениот поднесок стои дека доколку Судскиот совет не одлучи за продолжување на мандатот молам да бидам писмено известен со цел да се отпочне. Јасно се разбира дека не става предлог, рече судијата Шабани.

Адвокатот Дончо Наков, рече дека од еден од обвинетите до претседателот на Судот и Судскиот совет е доставено барање истиот да постапи во согласност со закон.

– За јавноста да не биде дилема дека ова е начин на кој одбраната бара одложување, треба да е јасно дека кога вие како претседтаел на судечки совет сте го добиле без ваша вина составот на овој судечки совет, во тој момент исто така биле исполнети условите. Како и зошто од 150 судии поротници што ги исполнуваат условите претседателот на Судот ги делегирал токму овие двајца е правно решено. Зборувам за факти за кои одбраната и советот не се виновни и се во насока на владеење на правото, изјави Наков.

Судијата, одговори дека целата тема е апсорвирана и Судот не може ништо да направи по тоа прашање.

– Законските овластувања мои тука завршуваат. Не можам ништо да направам. Не можам сега да речам станете излезете зошто законот е таков, рече судијата Шабани.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Активни три поголеми пожари: близу „Јасен“, над селата Дивље и Крушје и во прилепско Топлица

Редакција

Вишо обвинителство побарало Мијалков да се ослободи за „Тортура“

Редакција

Обвинение против 28-годишен гостиварчанец кој преку Фејсбук се заканувал на Спасовски

Редакција