еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

(Видео) Дваесет години Клиника „Жан Митрев“: Како почна новата ера во македонската кардиоваскуларна хирургија

Први март 2020 година е датумот на кој „Zan Mitrev Clinic“ ќе го одбележи својот 20-годишен јубилеј.

По тој повод, токму на 1 март во хотелот „Александар Палас“ се предвидени низа активности со кои ќе биде одбележан овој мошне значаен датум и јубилеј.

Одбележувањето ќе започне точно напладне со симпозиум на тема: „Развој на кардиоваскуларната хирургија во последните 20 години“, а во кој учество ќе земат низа врвни стручњаци од оваа област, и тоа проф. д-р Марко Турина, поранешен директор на клиниката за кардиоваскуларна хирургија при Универзитетската болница во Цирих, Швајцарија и поранешен претседател на Европското здружение за кардиохирургија; проф. д-р Мартин Костолни, директор на одделот за клинички услуги за кардиоторакална хирургија, Грејт Ормонд стрит – болница, Лондон, Англија; проф. д-р Џорџ Е. Саррис, директор на Институтот за срцева хирургија Атина, Грција; проф. д-р Стивен Бибевски – „Џо Димаџио“ детска болница институт за срце, трансплантација на срце и механичка срцева поддршка, Холивуд, Флорида, САД; проф. д-р Слободан Илиќ, директор на одделот за кардиохирургија при Универзитетска детска клиника “Тиршовa”, Белград, Србија; проф. д-р Дитмар Шранц, Детска кардиологија, Универзитет „Јохан-Волфганг Гете“ во Франкфурт, Германија; проф. д-р Сотириос Прапас, директор на одделот за кардиохирургија „Хенри Дунант“ болнички центар, Атина, Грција; проф. д-р Иван Кнежевиќ, директор на центарот за трансплантација, оддел за кардиоваскуларна хирургија, Универзитетски клинички центар Љубљана, Словенија; проф. д-р Јорг Бабин Ебел, Клиника за кардиоваскуларна хирургија, „Бад Нојштадт“, Германија, проф. д-р Бојан Биочина, директор на одделот за кардиохирургија при Универзитетска болница „Ребро“, Загреб, Хрватска; д-р Милан Миовиќ, општа болница „Медигроуп“,Белград, Србија; проф. д-р Антон Мориц, поранешен директор на одделот за кардиоваскуларна и торакална хирургија на Универзитетската клиника за торакална и кардиоваскуларна хирургија во Франкфурт, Германија.

Честа да го заокружи симпозиумот ќе му припадне на акад. д-р Жан Митрев, директор на „Zan Mitrev Clinic“.

По завршувањето на симпозиумот за сите гости, чија бројка со оглед на веќе пристигнатите потврдни одговори, ќе биде навистина импозантна е предвидена коктел-забава со богата програма.

„Zan Mitrev Clinic“ на самиот почеток именувана како Специјална болница по хируршки болести „Филип Втори“ ги постави темелите на современите медицински услуги во 1999 година, по адаптирањето и реновирањето на еден изнајмен дел од Воена болница во Скопје.

Официјално, болницата беше отворена на 1 март 2000 година, а медицинското стартување е одбележано со првата бај-пас операција во Република Македонија, водена од академик д-р Жан Митрев. Токму на тој 1 март 2000 почнува да се пишува историјата во македонското здравство, новата ера во македонската кардиоваскуларна хирургија. Две години подоцна, односно во 2002 година е направена и првата операција на отворено срце врз буден пациент.

Интересот за оваа установа почнува секојдневно да расте, а со тоа потребата од нови услови за работа. Потребите за згрижување на пациентите иницираат уште едно реновирање, а стариот оддел, истата оваа 2002 година, е заменет со модерен и современ оддел.

Веќе следната година стартуваат третманите на вродени срцеви заболувања. Успешно е поставен првиот АСН occluder, и тоа на преткоморен дефект кај 4-годишно момче. Во 2008 година стартува со работа новиот, софистициран дијагностички центар кој стана еден од водечките центри во регионот, со работно време 24/7.

Десетгодишнината од основањето на болницата, 2010 година, беше одбележана со бројка од 10 000 операции. Денес „Zan Mitrev Clinic“ не само кај нас, туку и во регионот е препознатлива како софистициран, современ медицински центар со комплетни дијагностички процедури во повеќето медицински гранки, поддржани со услуги од модерната хирургија, анестезија и интензивна нега.

Успешната приказна не завршува тука, напротив. Научните достигнувања низ годините носеа и соодветни звања и награди. Така, во 2002 година, д-р Митрев беше промовиран за Академик на плато. Активностите на тимот на д-р Жан Митрев се промовираа и презентираа на повеќе светски конгреси, од каде се враќаа како добитници на бројни награди и признанија.

Од многубројните признанија добиени овде и во странство би ја издвоиле престижната наградата од EUROPE BUSINESS ASSEMBLY и Сократ комитетот, од областа на здравството, „Најдобар здравствен менаџер и најдобра болница“.

Приказната добива нова димензија пред четири години, односно на одбележувањето на 16-та годишнина од формирањето кога е отворен новиот објект кој е со пет пати поголем капацитет и го носи името „Zan Mitrev Clinic”.

Изграден е според највисоки стандарди, со уникатен ентериер, врвна медицинска опрема, комплетно регулирана средина, строго управувани режими на греење и ладење и довод на свеж воздух и максимална комфорност на пациентите, вработените и посетителите.

Потврда за успешното работење е престижната награда за најдобар менаџер и болница со најдобар квалитет на здравствени услуги, која му припадна на академик д-р Жан Митрев, во конкуренција со здравствени центри од Европа и Блискиот Исток. „Zan Mitrev Clinic“, во ноември 2017 година, го доби и златниот печат за квалитет и безбедност од Joint Commision International и со тоа стана првата болница, која за неполна година, влезе во семејството на најпрестижната организација за акредитација на болници во целиот свет.

Продолжи и развојот на детската кардиохирургија, која функционира од самото основање на болницата, а во декември 2018 година, како врв на медицинскиот развој, ја стартуваше и ја разви и програмата со механичка циркулаторна поддршка за третман на срцева слабост. Во април истата година „Zan Mitrev Clinic“ ја доби државната акредитација за квалитет од страна на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи.

„После две децении исполнети со максимална посветеност на здравјето и потребите на нашите пациенти, и понатаму ќе продолжиме да работиме со истото темпо и според највисоките медицински стандарди, секогаш во чекор со модерната технологија“, велат од Клиниката.

КОМЕРЦИЈАЛНА ОБЈАВА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Офицерскиот дом во Битола блесна во полн сјај

Редакција

Пад за 81,8%: Минатата недела два смртни случаи од Ковид-19

Редакција

Кои се тие еден процент од граѓаните кои ќе бидат опфатени со прогресивниот данок

Редакција