Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски вечерва ги повика своите сограѓани на смиреност откако дел од нив изненадени од одлуката за целосното ограничување на движењето за претстојниот викенд излегоа навремено да се снабдат со храна и намирници, што предизвика редици во некои од маркетите.
„Почитувани сограѓани, бројот на позитивните од Ковид 19 во Куманово евидентно се зголемува. Одлуката за ограничување во движење е неопходна, треба сите да ја почитуваме за да се спречи пандемијата.
Дали требаше да се најави, да секако, Општинскиот штаб за заштита и спасување тоa го бара уште од 22 март, тоа што поединци, целово ова време неодговорно се однесуваат и не ги почитуваат препораките и мерките на Штабот и Владата не доведува сите во сеопшта опасност од пандемија.
Треба да сме свесни и дисциплинирани можеме да издржиме до понеделник, тие што немаат можност да се снабдат со најнеопходното ќе добијат асистенција овие два дена.
Жалам за сето ова низ што поминуваме сите заедно. Апелирам на смиреност и без паника ќе го надминеме и ова. Целта е да го спречиме ширењето на вирусот, држете дистанца и останете дома“, напиша Димитриевски на Фејсбук.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Целосна забрана за движење во Куманово од вечер во 21 до понеделник во 05 часот
Нови здравствени работници заболени од корона вирусот во болницата во Куманово
Фото: Фејсбук/Димитриевски