еМагазин
Image default
Бизнис

Димитријоски: Тендер за 5Г до крајот на 2020, мерењата на тест мрежата согласно нормите

Сашо Димитријоски, директор на Агенцијата за електронски комуникации во интервју за МИА одговараше на прашања поврзани со 5Г мрежата, за која деновиве во македонската и светската јавност има сомнежи дека штетно влијае врз здравјето на населението.

Прашањата и одговорите на оваа тематика Ви ги пренесуваме во целост:

Неретко во јавноста има сомнежи и стравувања за штетноста на оваа технологија, а сведоци бевме и на оштетување на опремата што се поставува во Лондон за оваа технологија токму од стравувања за нејзина поврзаност со вирусот.

Ставот на АЕК е дека нема штетно влијание, но и покрај тоа има стравувања во јавноста. Кои се вашите аргументи и планови против ваквите стравувања и сомнежи? 

Сашо Димитријоски

Димитријоски: „Согласно Законот за електронски комуникации една од надлежностите на АЕК е да го мери нејонизирачкото зрачење од сите предаватели од кои има емисија на електромагнетни бранови, а секако тоа значи и од базните станици од сите постојни технологии: 2Г, 3Г и 4Г. Ова значи дека и со воведување на 5Г тоа ќе остане обврска на АЕК.

До овој момент АЕК спроведе мерење на нејонизирачко зрачење на неколку локации од 5Г тест-мрежата на „Македонски телеком“ за која е издадено привремено одобрение до 31.10.2020 за опсегот 3.6-3.7 Mhz.

Мерењето е спроведено во сценарио на максимална иззрачена енергија и резултатите покажуваат дека од максимално дозволеното ниво според меѓународната комисија за заштита од нејонизирачко зрачење кумулативното зрачење изнесува 14,9 проценти.

Во овој процент зрачењето од 5Г учествува со само 32 проценти за разлика од зрачењето што потекнува од 4Г, кое учествува со 49 проценти. Бидејќи мерењето е спроведено во најлошо можно сценарио за 5Г за очекување е тоа да учествува со уште помал процент во реални услови.

АЕК ќе продолжи и понатаму со континуирани мерења и доколку се констатира надминување на нормите, согласно Законот за електронски комуникации секако дека АЕК ќе преземе соодветни дејства“.

На 20 април истече рокот до кога до Агенцијата за електронски комуникации операторите можеа да достават мислења и забелешки во врска со издавање одобренија за користење радиофреквенции за 5Г-технологијата.

Дали тековната криза се одрази на динамиката на процесот, има ли забелешки и мислења од операторите и кои се следните чекори на АЕК?

Димитријоски: „Рокот за поднесување мислења за добивање одобренија за користење радиофреквенции за 5Г најнапред беше предвиден да заврши заклучно со 6.3.2020. По барање на постојните два мрежни оператори од Македонија тој рок беше пролонгиран до 20.4.2020.

Заклучно со овој датум до AEK се пристигнати мислења од повеќе заинтересирани страни, и тоа од: оператори во Македонија, граѓани на Македонија и од заинтересирани странски компании. Досега сите чекори се спроведуваат согласно динамиката предвидена со националниот оперативен бродбенд план (НОБП), кој беше усвоен од Владата на Mакедонија на 2.4.2019.

Сите пристигнати мислења ќе бидат разгледани од страна на стручните служби во AEK и ќе бидат соодветно имплементирани во законската постапка, која е предвидена согласно Законот за електронските комуникации (ЗЕК) за доделување на овие радиофреквенции.

Согласно НОБП, тендерската постапка се очекува да започне до крајот на 2020. Ќе се сублимираат пристигнатите мислења и заедно со постојната регулатива во Македонија, која е на иста линија со европската, ќе се пропишат условите што ќе бидат наведени како барања, кои операторите што ќе добијат одобренија ќе треба да ги исполнат“.

МИА/Фото: АЕК

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Народната банка ги зголеми каматните стапки за нови 0,25 п.п.

Редакција

Поскапуваат бензините, цената на дизелот иста

Редакција

Тетовски Интерпромет со драстичен раст на добивката

Редакција