Северна Македонија организира парламентарни избори, во време на алармантен раст на бројот на случаи на заболени од коронавирусот во оваа мала балканска нација, наведуваат странските медиуми во своите осврти на гласањето во земјава.
Медиумите потестуваат дека од јануари со земјава раководи техничка влада, откако водечките партии се договорија за одржување на предвремени избори по одлуката на ЕУ во октомври минатата година да не одреди датум за старт на преговорите за членство со Северна Македонија.
Грчки „Катимерини“ наведува дека во такви услови Парламентот избра привремена влада составена од членови на двете најголеми партии, со единствена цел да ги организира изборите, кои првично беа закажани за 12 април, но беа одложени поради падемијата на Ковид-19 и презакажни за в среда 15 јули.
– Ова е првпат едни избори да се одржуваат во работен ден. Изработени се посебни протоколи за оние кои се во карантин заради вирусот. Тие можат да гласаат в понеделник, при што членовите на избирачките одбори и медицински тимови ги носат гласачките кутии до нивните домови.
Од околу 5.000 луѓе кои се во карантин, за гласање се пријавиле нешто над 700. Затворениците, старите лица и болните гласаат во вторник, додава „Катимерини“ во својот осврт.
Кинеската државна агенција Синхуа наведува дека здравствените власти потврдиле оти гласањето ќе биде безбедно и покрај зголемениот број нови инфицирани и жртви на Ковид-19 регистрирани во земјата во последните денови.
– Според препораките дадени од Комисијата за заразни болести, луѓето ќе треба да одржуваат дистанца на избирачките места, да користат средства за дезинфекција пред и по гласањето и да носат заштитни маски за време на процесот.
Изборниот молк, период кога е забранета кампања на политичките партии, започна на полноќ. Заради ситуацијата со Ковид-19, луѓето можат да го дадат својот глас во понеделник, вторник и среда, потенцира агенцијата.
Порталот Бизнис Њуз Јуроп (БНЕ) со седиште во Берлин оценува дека меѓу граѓаните во земјава нема преголем ентузијазам околу изборите поради стравувањата од „навидум незапирливата епидемија на коронавирусот“ и нејзините економски и социјални последици.
– Бидејќи зафати жешко време многу луѓе ги напуштија своите домови во главниот град Скопје и заминаа во нивните родни места или одморалиштата крај езерата, па прашање е колкумина ќе бидат мотивирани да се вратат во градот да гласаат.
Луѓето генерално се разочарани од целокупната состојба и не постои ентузијазам дури и меѓу силните поддржувачи на една или друга партија за овие избори, смета БНЕ.
Радиото Франс 24 во својот осврт на изборите наведува дека тие се одржуваат во услови на нов пораст на бројот на случаи на коронавирусот, што резултираше со меѓусебни обвинувања помеѓу ривалските табори.
– Пандемијата ги засили поделбите во оваа балканска држава чијашто политичка сцена последниве години запаѓа од криза во криза, оценува Франс 24, потетувајќи дека Парламентот е распуштен, а последниве шест месеци со земјава раководи привремена влада, чиј што мандат беше предвидено да трае до април.
Според радиото, големиот број случаи на инфицирани од Ковид-19 може да резултира со намален одзив на гласањето, иако здравствените власти издадоа специјални протоколи за изборите, вклучително и „дводневно предвремено гласање за заразените пациенти и болните“.
Франс 24 пренесува и изјава на 38-годишен жител на Скопје, кој вели дека нема да гласа, затоа што стравува за своето задравје.
– Тие велат дека е безбедно како влегување во супермаркет. Јас морам да одам во супермаркет, но не морам да гласам“, додава тој.
АФП информира дека Северна Македонија в среда „излегува на гласање“ на први парламентарни избори откако земјата ја додаде придавката „Северна“ на своето име, со што стави крај на долготрајниот спор со Грција.
– Сепак, кампањата беше засенета од вториот бран на случаи на коронавирусот, оценува АФП во анализата во која дава осврт и на клучните партии во земјата, нивните заложби и шанси на изборите.
Балкан инсајт, пак, во текстот „Тајни снимки ја нарушија изборната кампања во Северна Македонија“ потенцира дека оваа предизборна кампања беше преплавена со објавување на снимки на „Јутјуб“ од страна на анонимни извори, кои открија „засрамувачки, па дури и инкриминирачки разговори“ водени меѓу на припадници на водечките партии.
МИА/Фото: МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Како ќе гласаат болните од Ковид-19 и лицата кои се во самоизолација
Денеска гласаат 716 лица со Ковид-19 и во самоизолација, утре 8.852 болни, немоќни и хронично болни