Според конечните неофицијални резултати од предвремените парламентарни избори што се одржаа вчера, Коалицијата „Можеме“ предоведна од СДСМ доби 46 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ и други 44, Демократската унија за интеграција (ДУИ) 15, Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден мандат, информираше претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Дерковски.
Тој по целодневното рачно броење и споредување на резултати од гласањето со оние внесови во информатичкиот систем на ДИК на седницата која што почна речиси 24 часа по завршување на вчерашното гласање, посочи дека на овие избори гласале 942.334 гласачи. Од нив, важечки гласови се 910.868, а Комисијата сумирала 31.466 неважечки ливчиња.
„СДСМ и коалицијата освоиле 327.329 гласа, или 46 мандати, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоиле 315.344 гласа, или 44 мандати, ДУИ 104.587 гласови, односно 15 пратенички места, Алијанса за Албанците 81.827 гласа, 12 пратеници, Левица 37.551 глас, а тоа се два пратеника во новиот собраниски состав, и ДПА 13.891 глас, односно едно пратеничко место“, истакна Дерковски.
Веќе 24 часа не работи веб страната на ДИК, за која претседателот Деркоски рече дека била нападната од хакери и немало штета, туку одлагање на пресметките на резултатите од изборите.
Секој подносител на листа на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување резултати од гласање може да поднесе приговор до ДИК во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето, односно објавување на првичните резултати. ДИК е должна да реши по приговорот во рок од 48 часа по приемот.
Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Северна Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.
ДИК може по службена должност или по поднесен приговор, со решение да го поништи гласањето на гласачкото место во одредени случаи утврдени со Изборниот законик.
Против решението со кое се поништува гласањето може да се поднесе жалба до Управниот суд на Република Северна Македонија во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Северна Македонија е должен по жалбата да постапи во рок од 72 часа по нејзиниот прием. Повторното гласање на избирачкото место каде што е поништено се одржува 14 дена од денот на првото гласање.
МИА/Фото: МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Вчера паднала и веб-страницата на МВР: ДИК поднесе пријава во полиција за хакирањето на сајтот
ДИК рачно проверува записници, за седницата за резултати „благовремено ќе известат“